Најава за војна против арапските криминални групи во Берлин

Властите во берлинскиот кварт Неукелн најавија остра борба против организраниот криминал, во прв ред против криминалните арапски кланови, пренесуваат во вторникот германските медиуми.

„Ние со овој проблем се бориме веќе повеќе од 20 години, а сега дојде времето да дејствуваме“, изјави новата градоначалничка на берлинската општина Неукелн, Франциска Гифеј од Социјалдемократската партија на Германија (SPD).

Таа на својата Facebook страница тврди дека граѓаните „имаат засилена потреба од безбедност“ и дека политиката на тоа треба да реагира. Последните денови во споменатиот кварт се извршени неколку полициски рации во текот на коишто е откриено поголемо количество илегално оружје и дроги.

Гифеј, исто така, се заложи за тоа „отворено и без влакна на јазикот“ да се зборува за проблемите со коишто се соочува оваа берлинска населба. „Криминалните арапските кланови веќе со години го имаат Неукелн во шаката“, вели Гифеј.

И нејзиониот претходник, исто така, социјалдемократскиот политичар Хајнц Бушховски, со години главно безуспешно се бореше против арапските кланови коишто, кон крајот на седумдесеттите и на почетокот од осумдесеттите години од минатиот век, засилено од Либан како бегалци се доселувале во Берлин.

Арапските кланови во Берлин повеќекратно беа тематизирани и низ филмови и низ литературата. Квартот Неукелн до неодамна важеше за извонредно сиромашна населба, во којашто претежно живеат доселеници и граѓани со пониска материјална состојба. Последните години овој дел од германската престолнина доби популарност меѓу помладото население, што позначајно ги зголеми цените на недвижнините и ги привлече шпекулантите.

Гифеј наведува дека поради своите политики е критикувана од дел од јавноста дека спроведува политика на „цврста рака“, но дека истовремено добила и многу пофалби од жителите кои сакаат нивната населба да биде исчистена од криминалот. „Мојата политика за сигурност е во согласност со социјалдемократските вредности“, порачува градоначалничката.

Борбата против арапските криминални кланови, коишто главно се занимаваат со криумчарење на наркотици, препродажба на украдени автомобили и уценување на претпреимачите, во минатото се покажа макотрпна поради недостигот од сведоци. Многу од тамошните жители, исто така, не поседуваат ниту потполна дозвола за престој во Германија, туку со години се водат како бегалци.

Постојат сомневања дека зад спектакуларната кражба на најголемиот златник на светот од берлинскиот музеј „Бодо“, во март годинава, стојат токму арапските кланови од Неукелн.