Бугарскиот историчар Божидар Димитров, познат по своите антимакедонски ставови, за тамошните медиуми ги оцени резултатите на локалните избори во Македонија како поддршка за договорот за добрососедство со Бугарија.
Според донеодамнешниот директор на Националниот историски музеј од Софија, токму договорот меѓу Македонија и Бугарија му пресудил на ВМРО-ДПМНЕ како негов остар критикувач. Тој очекувал партијата да освои 70-80 проценти од гласовите и е многу изненаден што владеачката СДСМ освои апсолутно мнозинство.
„Тоа покажува дека таканаречените Македонци му поверуваа на господинот Заев и оти зближувањето со Бугарија наиде на поддршка кај населението во Македонија, што е многу радосно за нас. Ова значи дека со измислувањето и со туркањето со насилство и со безброј фалсификати на политичката идеја на македонизмот е завршено. И започнува неговото бавно или побрзо демонтирање. Искрено, не очекував да го доживеам тој момент“, изјави Димитров.
За контроверзниот поранешен политичар и „признавањето на бугарското малцинство во Албанија ден пред гласањето во Македонија им помогна на избирачите да се ориентираат“.
Димитров побара и поревносно издавање бугарски пасоши, повикувајќи се на праксата на Германија, на Романија и на Унгарија, кои годишно даваат по околу половина милион државјанства, наспроти Бугарија со пет-шест илјади секоја година.