Три лица се уапсени на подрачјето на Босна и Херцеговина под сомневање дека организирале криумчарење илегални имигранти кон Хрватска, а нивното приведување е резултат на големата полициска операција спроведена кон средината од октомври, потврдија во средата од седиштетот на Граничната полиција на БиХ во Сараево.
Во полииската акција спроведена од 11-ти до 13-ти октомври, чијашто цел била пресекување на мрежата за илегална миграција, приведени се вкупно петнаесет лица, а тројца меѓу нив се идентификувани како организатори на трговијата со луѓе.
Станува збор за државјанин на Велика Британија, на Македонија и еден на Босна и Херцеговина. Кај Британецот при апсењето се најдени 14.000 евра и околу 3.000 американски долари, кои му се одземени, како автомобилот кој го користел.
Имигрантите кои ги привела полицијата и ги одвела под надзор во имиграцискиот центар крај Сараево, се државјани на Турција, Либија, Пакистан и Косово.
Од Службата за работи со странци, којашто дејствува при Министерството за безбедност на БиХ, во вторникот беше потврдено дека од почетокот на годинава, во споредба со претходната 2016 годна, за 350 отсто е зголемен бројот на илегални имигранти кои се откриени на територијата на земјата во обидот да е префрла во Хрватска.
Во текот на деветте месеци од годинава откриени и приведени се повеќе од 600 илегални имигранти, а само изминатите четири-пет дена забележани се 40 вакви случаи.
Помошничката на министерот во Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, Салиха Џудерија, изјави во средата за новинарите во Сараево дека е отворено прашање колку долго на досегашниот начин ќе може да се контролира сегашната имигрантска криза.
Алудира на фактот дека илјадници имигранти „се заглавени“ на таканаречената Балканска рута којашто треба да ги доведе до Европската унија, а огромен број вакви лица се во моментов во Србија, па тие во сé поголем број се обидуваат преку БиХ да минат натаму, при што првата дестинација им е Хрватска.
„Овој проблем на некој начин го држиме под контрола, но во целост не сме задоволни и прашање е колку тоа ќе трае“, изјави Џудерија на прес-конференцијата по повод 18-ти октомври, Меѓународниот ден на борбата против трговијата со луѓе.