
Граѓаните на Република Македонија после догло време имаа можност да гласаат на фер и демократски избори по слободна волја и без притисоци, тврдат од владејачката партија СДСМ, по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за бројни нерегуларности, како и притисоци и заплашувања врз гласачите од позиции на власт и купување гласови на првиот круг од локалните избори.
„Резултатите на изборите покажаа како изгледаат општините, како изгледа Македонија кога се гласа слободно и кога во целост се почитува изборната волја на граѓаните.
Организирањето криминални избори и системската злоупотреба на државните институции и ресурси во партиски цели беа одлика на владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и тоа време заврши.
Наместо да бара апсурдни оправдувања, ВМРО-ДПМНЕ треба да да им честита на граѓаните за мирните, фер и слободни избори и да го признае изборниот пораз“, се наведува во партиското соопштение.