Граѓаните мора да се изјаснат за штетниот договор со Бугарија, на граѓаните мора да им се дозволи да го кажат мислењето за овој штетен договор, изјави во саботата Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Перински, СДСМ работи и делува на штета на државните интереси и оцени дека владата предводена од оваа партија склучи договор за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, кој во повеќе точки е штетен за Република Македонија и ги понижува нашите сограѓани.
„Граѓаните на Република Македонија се чувствуваат како оштетена страна на договорот, бидејќи Република Македонија е страната која трпи голем број на отстапки и обврски, без притоа да има отстапки на бугарска страна, водени од интересот на граѓаните и нивните барања ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието на Република Македонија предлог за организирање на референдум, на кој граѓаните на Република Македонија ќе се изјаснат за Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија“, појасни Перински.
Рече дека ваквата одлука се должи на ставот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој смета дека споменатиот договор е донесен во нетранспарентна постапка, далеку од очите на јавноста, и со тоа СДСМ им го одзема правото на граѓаните да бидат запознаени каков договор склучува нивната влада, од кој истите тие ќе имаат обврска.
„Социјалдемократскиот сојуз целосно нетранспарентно и набрзина го протурка договорот без да и овозможи на стручната и општата јавност неопходна дебата по однос на истиот, со што македонските граѓани беа ставени во подредена положба во однос на граѓаните на Република Бугарија, чија јавност и стручна фела беа запознаени со содржината на истиот. Социјалдемократскиот сојуз им го ускрати правото на дебата на граѓаните и токму заради тоа граѓаните мора да добијат шанса да кажат што мислат по однос на истиот“, рече Перински.
Токму заради тоа, продолжи тој, ВМРО-ДПМНЕ смета дека пред изјаснувањето за овој договор од страна на пратениците, правилно е да се слушне мислењето на граѓаните.
„Правото на референдум е неприкосновено и не смее да биде ускратено од страна на Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи со овој договор се креира правна пракса, која ги надминува домашните правни норми и има важност на меѓународен договор, кој тешко се менува и предизвикува последици за идните генерации“, посочи Перински.
Истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е за добрососедство и соработка со Република Бугарија, со став дека односите меѓу двете држави треба да се градат врз основа на заемно почитување, а не врз база на отстапки и штетни последици за само едната страна.
„Имено ВМРО-ДПМНЕ, има сериозни забелешки на неколку членови од договорот, а најконкретно во деловите со кои декларирајќи постоење на заедничка историја се предвидува и создавање на државна комисија која ќе ги дискутира промените на учебниците по историја во Македонија. За ВМРО-ДПМНЕ неприфатливо е откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, а непотребно е повторно прифаќање на именувањето на нашиот македонски јазик, како јазик од Уставот на Македонија, дефиниција која не постои во ниту еден друг договор со Република Македонија и Република Бугарија и со било која земја во светот, очигледна е намерата преку оваа формулација да се протне на мала врата непризнавањето на македонскиот јазик.
Ова се одредбите во овој договор, кои се на очигледна штета на нашиот народ и држава и сметаме дека по најдемократски пат, треба да биде организиран референдум, на кој граѓаните ќе може да се изјаснат, што мислат по однос на истиот“, заклучи Перински.