Вардар подобар и од Целје

На гостувањето во Словенија кај Целје, ракометарите на европскиот и македонски шампион Вардар славеа со 31:28 за шести триумф сезонава и трет во дуелите со Целје.

По одиграни шест кола, односно една третина од предвидените 18 натпревари во регуларниот дел од сезоната во СЕХА Газпром лигата, Вардар останува лидер на табелата.

Сега Вардар има шест бода повеќе од второпласираните Мешков Брест и Татран Прешов на табелата. Со овој дуел следува и пауза во регионалното натпреварување, прво поради ЕХФ неделата, а потоа и со згуснатиот распоред на натпревари во групите од Лигата на шампионите во ноември.

Домашните ракометари го отворија натпреварот со водство, 3:1 па 6:4. Откако Целје водеше со 8:7 во 15 минута, следуваше добра игра на Вардар и пресврт. Вардар го презеде водство со 10:8 и до крајот на првото полувреме имапе предност од „плус три” за 16:13.

Во второто полувреме Вардар ја одржуваше предноста, а Целје успеа неколкупати да намали на „минус два” и еднаш на само гол предност 25:26 во 51 минута. Во последната минута домашните имаа шанса за намалување повторно на „минус еден”, но тој напад не го реазлизираа, а потоа Карачиќ стави точка.

Во овој натпревар Вардар настапи без тројца стандардни ракометари, Рожерио Мораеш, Хорхе Македа и Стојанче Стоилов. Целиот товар на линијата од шест метри го носеше Мијајло Марсениќ, а средбата беше со силен интензитет и многу трчање, токму како и што се очекуваше.

Вардар го предводеше Тимур Дибиров со шест голови, а го следеа Карачиќ и Цинрдиќ со по четири погодоци.