Продолжуваме со изградбата на основното училиште „Вера Јоциќ“ кое следната година треба да биде пуштено во употреба, најави од Хиподром градоначалникот на општина Гази Баба и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за истата функција, Тони Трајковски.
-Потоа следува втората фаза, изградба на новата училишна спортска сала, а во самиот училишен двор ќе се изгради и повеќенаменско спортско игралиште. Ќе продолжиме и со проектот поддршка на колективните згради во делот на санација, реконструкција на кровови, фасади и лифтови, а исто така ќе го започнеме и проектот за поддршка за проширување на топловодното греење во колективните згради, односно субвенционирање на потстаниците и поддршка во изградбата на вертикалите и внатрешните инсталации, истакна Трајковски.
Кандидатот за градоначалник Трајковски вети дека ќе продолжи и со уредување на просторот пред секоја зграда, со зголемување на зеленилото и засадување на нови дрвја, а во делот на комуналната хигиена ќе продолжи поставувањето на подземните контејнери.
-Во постапка сме веќе на набавка на две комунални возила со кои што ќе се врши миење и метење на улиците и верувам дека со ова ќе ја зголемиме хигиената. Ќе продолжи реконструкцијата на сите улици во оваа населба, изградба на тротоарите, а многу значаен проект за населбата Хиподрпом е проширување на улицата „Благоја Стефковски“. Ќе започнеме со правење на влез од автопатот кон оваа населба се со цел за полесен сообраќаен пристап и излез и влез од оваа населба, истакна тој.
Трајковски потенцира дека во следните 4 години ќе продолжи и проектот во новата населба Хиподром 2 каде ќе продолжи и обезбедувањето на локации кои ќе им бидат понудени на граѓаните за откуп со почетна цена од едно евро за метар квадратен.
-Со овие проекти ќе направиме населбата Хиподром да биде подобро и попријатно место за живеење на нашите сограѓани. Затоа ве повикувам на 29-ти масовно да излезете, да го заокружите бројот 13 за да можеме заеднички овие проекти да ги реализираме на дело, порача Трајковски.