Каталонскиот парламент ќе заседава пред седницата на шпанската влада

Коалицијата „Заедно за Да“, којашто е на власт во Каталонија, побара во понеделникот од каталонскиот парламент одржување седница во четврток, од којашто би бил испратен одговор на шпанската влада пред во петокот шпанскиот парламент да ги одобри вонредните мерки во оваа североисточна покраина, со кои ќе биде суспендирана нејзината автономија.

Каталонскиот парламент, во кој поборниците на независноста имаат мнозинство мандати, би одржал седница на 26-ти октомври, ден пред шпанскиот парламент да ја оствари намерата за отстранување на актуелната каталонска влада, чиишто должности би ги преземале шпанските министерства.

„Бараме специфична седница во четвртокот утрото, за да ја анализираме институционалната агресија којашто ја претпоставува промената на членот 155“ од уставот на Шпанија, изјави Љуис Короминас, пратеник на коалицијата „Заедно за Да“ по состанокот на партиските портпароли во парламентот во Барселона,.

Короминас додаде дека на „узурпаторската функција“ поборниците на независноста ќе одговорат „во сите подрачја“, вклучително и правната.

Во саботата шпанските министри по вонредната средба во Мадрид ги активираа членот 155 од уставот, кој во петок би требало да го одобри Сенатот, горниот дом на шпанскиот парламент, во кој владејачката Народна партија, од десниот центар, на премиерот Маријано Рахој, има мнозинство претставници но и поддршка од опозициските пратеници.

Пооктпретседателката на шпанската влада, Сораја Саенц де Сантамарија, ги повика во понеделникот каталонскиот претседател Карлес Пучдемон да присуствува во петок на гласањето на споменатиот член, наведувајќи притоа дека би имал можност да го изнесе своето мислење.

„Каталонската влада има можност да присуствува на расправаа во Сенатот и да ги изнесе своите ставови“, порака де Сантамарија.

Со стапувањето на сила на членот 155 од шпанскиот устав, шпанските министерства или органи кои таа ќе ги воспостави би ги преземале управувањата со каталонската полиција, со финансиите на покраината, со јавните медиуми, телекомуникациските и информатичките служби во текот на следните шест месеци кога владата во Мадрид би распишала и спровела вонредни парламентарни избори во Каталонија. Меѓутоа, нема одговор што ќе се случува доколку и на тие избори победат заговорниците на независноста на покраината.

Во текот на споменатиот шестмесечен период,, парламентот на Каталонија не би можел да донесе ниедна одлука спротивна на мерките на централната влада на Шпанија, ниту би моќел да предложи нов претседател на каталонската влада.

Шпанската влада се одлучи на тоа откако каталонската влада не се откажа од прогласувањето на независноста на Република Каталонија, повикувајќи се на резултатите од референдумот кој го забрани шпанскиот уставен суд. Уставот кој е на сила од 1978 година, по падот на диктатурата на Франциско Франко и во воведувањето на демократијата во Шпанија, не дозволува референдуми за независност во 17-те автономни покраини, и овој облик на изразување на гласачите е дозволен само на територијата на целата земја, што треба да го брани нејзиниот територијален интегритет. Членот 155 не е применува досега од носењето на уставот пред 39 години.

Но доколку до петокот, односно до гласањето за споменатиот уставен член, каталонската влада распише предвремени парламентарни избори, мерките нема да бидат воведени. Меѓутоа, портпаролот на каталонската влада изјави во неделата дека тие немаат намера да распишуваат избори.

„Распишувањето избори не е на нашата маса. Тоа веќе многупати досега го кажавме“, истакна портпаролот Жорди Труљ, додавајќи дека и натаму на сила е мандатот кој на каталонската влада ѝ го дадоа жителите на Каталонија со изборот за независност на референдумот одржан пред три седмици.

И покрај судската забрана и полициската интервенција којашто затвори најголем дел од избирачките места и одзеде изборен материјал, на 1-ви октомври во Каталонија се одржа референдумот за независност. На него 2,3 милиони од 5,3 милиони гласачи во Каталонија излегоа на гласањето. Од нив 90 отсто се изјаснија за воспоставување самостојна Република Каталонија. Излезноста на гласачите, и покрај опструкциите и забраните од Мадрид, од43 отсто е иста со одѕивот на референдумот во Хрватска во 2012 година за влегувањето во Европската унија една година подоцна.