Димитриевски од СДСМ во Страцин се поклони за загинати бугарски војници, без македонско знаме и без почит кон македонската историја (ФОТО)

Новоизбраниот градоначалник на општина Куманово од СДСМ, вчера без македонско знаме им се поклони на загинатите војници од Втората светска војна кај Страцин.

Претставници на Македонија и Бугарија вчера им оддадоа почит и положија цвеќе на загинатите бугарски војници од Втората светска војна кај Страцин, но тоа беше направено само под бугарското знаме.

На градоначалникот од редовите на СДСМ воопшто не му беше важно да го испочитува македонскиот народ и својата држава. Тој, откако неговиот партиски лидер, Зоран Заев потпиша договор со Бугарија кој е штетен за Македонија, на овој настан се обиде да им се додоворува на нашите соседи.

Тој се поклони пред местото каде е даден единствениот отпор кога влегла бугарската војска во Втората Светска војна, но градоначалникот на СДСМ очигледно на овој ден не гледа како на нешто кое треба да го одбележи Македонија, туку како настан важен за Бугарија на која тој одлучил да присуствува. Друг функционер од македонската Влада или новоизбраните градоначалници на СДСМ официјално не го проследија настанот.

Бугарската делегација на вчерашниот настан беше предводена од Иво Антонов, директор на Дирекција „Социјална политика“ при Министерството на Република Бугарија. Присуствуваа и бригадниот генерал Јавор Матеев-командир на 68 бригада на Специјалните сили на Република Бугарија, раководството на Здружението на борците на Република Македонија, генералите; Филип Кутели, Илија Николовски, Борче Стојановски, военото аташе на Република Бугарија во Македонија Илиан Крстев, над 100 ветерани од војната, членови и симпатизери на Бугарскиот Културен Клуб-Скопје (БККС).

Лидерот на националистичката ВМРО-БНД и министер за одбрана на Република Бугарија, Красимир Карачанов на ветераните од војната им додели пригодни награди.

Инаку, Страцин е место каде што се одвивале тешки борби меѓу македонските партизани и окупаторските војски во Втората светска војна. Трагите од војувањето ги има насекаде. Централната селска чешма им е посветена на 33 загинати партизани во Втората светска војна, кои потекнувале од Страцин и од околните села.

Димитриевски изгледа сметал дека хероите од македонска страна не заслужуваат ниту да биде поставено македонското знаме на одбележувањето на овој ден, а со оглед на тоа што тој е претставник на СДСМ, не е ниту за изненадување неговото непочитување на македонската историја.

Страцин отсекогаш бил стратегиско место, па во времето на Југославија тука била поставена барикада за да спречи тенковска инвазија од Исток. Инвазијата никогаш не се случила. Но, масивните челични триаголници се уште стојат и го спречуваат само добитокот слободно да поминува од едната на другата страна од ливадата.