
Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Бутел се темели врз основа на реални потреби. Претходно е направена реална економска анализа во однос на тоа дали ќе биде остварлива програмата во наредните четири години најавувајќи покрја другото и 20 проекти за спортот во општината, истакна на тв дебатата на МРТ, кандидатот за градоначалник за Општина Бутел од ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски.
„ВМРО-ДПМНЕ е позната по тоа дека секогаш тоа што ќе го вети го остварува и сметам дека околу тоа нема дилема ниту еден граѓанин. Програмата ветува модерна општина Бутел, меѓутоа апсолутно ветува и решавање на реалните проблеми кај граѓаните. Приоритет во однос на општината е таа да биде модерна, имаме неколку проекти кои ќе го сменат ликот на општината во самиот старт“, истакна.
Костовски посочи дека предвидена е изградба на три ултра модерни паркови во општината, како и три градинки.
„Едниот е на влезот во Општина Бутел, кај поранешните отпади, кој ќе се простира на огромна површина. Вториот е во централниот дел на Бутел во населеното место Расадник и еден над населбата Радишани. Овој проект ќе биде добар и во смисла на екологијата. Предвидуваме и три нови градинки кои се основна потреба во Бутел, бидејќи имаме зголемување на наталитетот. Предвидени се реконструкција на голем број улици ‘Скоевска’, ‘Амди Демир’, ‘Хо-Ши-Мин’, ‘Петар Манџуков’, ‘Бутелска’ и многу други. Предвидени се атмосферски канализации онаму каде се потребни, како и над 20 проекти за млади и проекти од областа на спортот, нагласи Костовски.
Костовскин посочи дека во неговата програма се предвидени 20 проекти за спортот, а во иднина максимално ќе инвестираат и во образованието.
„Во Бутел пред една година се изгради ново училиште коешто чини околу милион евра и истото се наоѓа во населеното место Живко Брајковски, меѓутоа и се реконструираа сите постојни училишта во општината, а последно се реконструираше и спортската сала Свети Климент Охридски“, рече во текот на дебата Костовски.
„Во однос на спортот во Расадник не е предвидена само спортска сала туку голем спортски комплекс од неколку спортски терени кошаркарски, фудбалски и тениски игралишта како и ракометно игралиште и спортска сала. Меѓутоа и покрај тоа целото место ќе се уреди парковски, а ќе се постави дополнително уште една пешачка патека. Во однос на спортот имаме предвидено над 20 проекти како за професионалците така и за рекреативците, а во секое населено место предвидено е и ново кошаркарско игралиште и нова улична фитнес зона и истото е популарно низ цела Европа. Директно ќе се грижиме за професионалните спортисти и ќе доделуваме стипендии, а ќе се грижиме и за спортските клубови во општината“, потенцираше Костовски.
Додаде дека на територијата на општината има голем број на таленти и тоа значи дека навистина треба да се инвестира во спортот.
„Мојот клуб кој го носи името Бутел има донесено до сега над 1.000 меѓународни медали и верувајте многу е добро не само во Македонија туку и во Европа и Светот да го носите името Бутел и не само во мојот спорт теквондото, тоа лично ќе се погрижам да го направат многу голем број на спортисти и сите имиња на матичните клубови да го носат името Бутел заради тоа што сметам дека преку нашето име ја афирмираме општината во вистинско светло“, истакна Костовски.