Кина го претстави новото водство, Кси неприкосновен лидер

Кина во средата го претстави своето ново раководство на чело со неприкосновениот претседател Кси Џинпинг, кој доби нов мандат на чело на Комунистичката партија, додека ниеден од шесттемина негови најблиски соработници не е негов изразен наследник.

Во согласност со традицијата, Кси Џинпинг во темен костум и црвена вратоврска се појави насмеан пред новинарите придружуван од шесте колеги од новиот Постојан комитет на Политбирото, телото коешто дефакто управува со Кина, ден по завршувањето на редовниот конгрес на Комунистичката партија кој се одржува на секои пет години.

„Реизборот го сфаќам не само како одобрување на мојата работа, туку и како охрабрување коешто ќе ме поттикне да бидам уште подобар“, изјави Кси во говорот пренесува директно на јавната телевизија.

Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, кој е своевиден партиски парламент, го избра во вторникот за генерален секретар покрај шесте членови на Постојаниот комитет на Политбирото.

Во 64-та година од животот, Кси Џинпинг ја консолидираше својата власт на 19-от когрес на партијата, кој по една седмица заврши во вторникот вечерта, добивајќи ја најголемата почест, со вбројувањето во повелбата на партијата, признание коешто единствено втемелувачот на комунистичка Кина, Ма Це-тунг, го доби во текот животот. Од доаѓањето на власт во 2012 година, Кси ги акумулираше овластувањата на врвот на втората економска светска сила и го предводеше јакнењето на авторитетот на власта, стана шеф на партијата, челник на државата и врховен командант на армија.

Вбројувањето на неговото име и мисли во статутот на партијата навестува дека тој може бесконечно да се задржи на чело на државата, надминувајќи ја теоретски старосната граница од 68 години и грижата околу изборот на неговиот наследник. Оваа старосна граница би можела, меѓутоа, да биде наметната за другите членови на Постојаниот комитет, од кои најмалку двајца ќе надминат 68 години на следниот конгрес во 2022 година.

Новиот Постојан комитет се состои исклучително од личности над 60-годишна возраст. На овој конгрес не се создаде генерација на 50-годишници коишто би можеле да бидат потенцијални наследници на Кси Џинпинг. Освен Кси, само уште премиерот Ли Кечијанг ја задржа својата позиција. Ли Жаншу, Ванг Јанг, Ванг Хунинг, Чао Лецзи и Хан Жанг, се промовирани заменувајќи ги петтемина досегашни членови, меѓу коишто беше и најекспонираниот борец против корупцијата Цан Чишан, кој се смета за главниот сојузник на Кси Џинпинг. Партиските челници на провинциите Гуандонг и Чонгчинг, Ху Чунхуа и Чен Минер, кои претходно беа сметани за потенцијални наследници на Кси не се избрани во седумчлениот Постојан комитет, туку во 25-члениот Политбиро, што е пониско ниво на моќ во комунистичката номенклатура.

Во говорот кој траеше речиси три ипол часа на отворањето на конгресот минатата среда, КСи Џинпинг им вети на сонародниците „нова епоха на социјализмот со кинески карактеристики“ кому му ги отслика контурите за 2050 година, односно да се направи Кина голема сила, просперитетна и почитувана во светот. Отфрлајќи ја секоја можност за либерализација на власта, на што се надеваа и повикуваа на Западот, попатно повика на „одбрана на авторитетот на партијата и на кинескиот социјалистички систем“.

Петте години на власти на Кси Џинпинг беа проследени со борба против корупцијата во којашто беа казнети 1,5 милиони лица, меѓу кои и високи политички и државни функционери, што на Западот се толкува како елиминација на неговите политички ривали, иако му се оддава признание за намалувањето на претходно раширената корупција во власта. Кси Џинпинг ќе биде формално избран на чело на државата во март следната 2018 година, на годишната седница на парламентот, исто како и Ли Кечијанг, кој треба да остане челник на кинеската влада.