Три жртви на невремето во централна Европа

Три лица загинале, а едно е тешко повредени во бурата којашто во неделата ги зафати Германија, Полска и Чешка, јавуваат агенциите.

Силни ветрови со брзина до 180 километри на час ја пустошат Чешка, каде што од паѓање на дрвја загинале две лица. Стотици домови, исто така, останале без електрична енергија, потврди чешкото електростопанство CEZ. Ветерот го забави сообраќајот на патиштата, а на некои делници затворен е железничкиот сообраќај.

Во Полска во сообраќајна несреќа предизвикана од бурата загинале еден маж, а околу 1.200 припадници на службата за вонредни состојби повикани се за помош на погодените во бурата,. Оштетен е и цевковод на LNG терминалот во пристаништето Свикукшче.

Силни ветрови нанеле големи штети и во Словачка, а поради бурата затворени се гробиштата во главниот град Братислава. Властите ги повикаа граѓаните на внимателност при посетата на гробиштата за католичкиот празник Сите свети.

Во Берлин едно лице е тешко повредени по пад на градежно скеле. Операторот Deutsche Bahn затворил бројни линии во северниот и централниот дел од земјата, кон многу големи градови, како Бремен, Хамбург, Берлин, Дрезден и Лајпциг.

Во Хамбург реката Елба го пробила насипот, а службите се борат да ја спречат поплавата на најблиските подрачја. Поради ветрот за два ипол часа беше одложен фудбалскиот натпревар во Дрезден меѓу домашниот Динамо и Ајнтрахт од Брауншвиг.

На почетокот од октомври Германија беше погодена од бура којашто однесе седум човечки животи.