Белата куќа и адвокат тврдат дека нема докази за соработка со Русија

Пол Манафорт/© AP Photo / Mary Altaffer

Адвокатот на поранешниот шеф на кампањата на претседателот Доналд Трамп за ланските претседателски избори Пол Манафорт изјави во понеделникот дека нема докази дека неговиот клиент имал контакти со руската влада додека работел во кампањата и оти неговиот ангажман во полза на Украина завршил две години претходно, а обвиненијата против двајцата поранешни соработници во кампањата на претседателот немаат врска ниту со него, ниту со неговата кампања и не покажуваат никакви докази за наводен договор меѓу претседателската кампања и Русија, соопшти Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс истакна дека обвинувањата против поранешниот шеф на кампањата на претседателот Доналд Трамп, Пол Манафорт и неговиот деловен партнер дека лобирале за украинска политичка партија немаат поврзаност со претседателот.

Манафорт е обвинет по 12 точки кои вклучуваат перење пари и заговор против САД, за што според процените на американските медиуми му се заканува затворска казна од 80 години.

Сандерс посочи дека била незначителна неговата улога, како и онаа на советникот за надворешна политика Џорџ Пападопулос кој признал дека лажел за своите контакти со Русите, истакнувајќи дека тој бил волонтер, а не вработен во кампањата, како и дека неговото дејствување не било во официјално својство на кампањата. Претходно беше објавено дека Пападопулос се спогодил со правосудството признавајќи дека е виновен за давање лажно сведочење пред FBI за контакти на штабот со странци, вклучително и со Руси.

„Од почетокот зборуваме дека нема докази за договор Трамп – Русија и ништо во обвинението од денеска тоа не го менува“, изјави Сандерс.

Адвокатот на Трамп, Џеј секуоув изјави дека претседателот нема да се меша во истрагата на специјалниот советник (обвинител) на министерството за правда Роберт Мјулер.