Најмалку 16 мртви и 100 повредни во експлозија во термоцентрала во Индија

Бројот на загинатите во експлозијата во индиска термоцентрала на јаглен изнесува 16 лица, а повеќе од сто се повредени, според прелиминарните сознанија на локалните власти, соопшти во средата Ананд Кумар, портпарол на полицијата во Лакхна, главниот град на сојузната држава Утар Прадеш.

Околу 80 лица биле згрижени во болницата на компанијата којашто стопанисува со термоцентралата, а околу 10 луѓе поради сериозни повреди се хоспитализирани во неколку болници, се наведува во соопштението на компанијата „National Thermal Power Corporation“ (NTPC Ltd).

Портпаролот на државниот оператор изјавил дека ненадејно се слушнал необичен звук, како и дека за време на инцидентот почнал да се шири чад и пареа. Термоцентралата во местото Унчахари со електрична енергија снабдува девет сојузни држави, но сега е надвор од функција. Додал дека спасувачките операции се во тек по„несреќниот инцидент во котелот“во погонот за јаглен во областа Рае Барели.

Јоги Адиатанат, премиер на Утар Прадеш, им изрази сочувство на семејствата на настраданите, понудувајќи им компензација од 200.000 рупии, или 3.096 американски долари.

Несреќите на работното место се чести во Индија, каде што слабо се спроведуваат прописите и стандардите за безбедност, што е причина за големиот број смртни случаи.

Во вторникот вечерта најмалку 13 лица, меѓу кои и бремена жена, загинаа при експлозија на електричен трансформатор пред свадбена свеченост во западната сојузна држава Раџастан. Десетици гости биле присутни на церемонијата во Џајпур, кога трансформаторот експлодирал, исфрлајќи метални делови и вжештено масло.

Индискиот систем за дистрибуција на електрична енергија е подложен на чести несреќи, главно поради лошото одржување и недоволното финансирање особено во руралните средини. Според последните достапни податоци на националното биро за несреќи, околу 10.000 починале од електричен удар како последица на неисправноста на инфраструктурата во 2015 година.