Отворена изложбата во чест од 90-годишнината од раѓањето на Петар Мазев

Во четвртокот вечерта се одржа големото отворање на изложбата „Петар Мазев – 90 години од раѓање“, а галеријата Даут пашиниот амам во Скопје беше претесна да ги прими сите љубители на уметноста и особено на творештвото на македонскиот неповторлив автор.

Пред повеќе од 3000 посетители, на присутните им се обратија Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија, Орце Камчев, претседател на фондацијата „Илија Камчев“; проф. Симон Шемов и Валмир Азири, државен секретар во Министерството за култура на Република Македонија.

Дита Старова Ќерими истакна дека на изложбата се изложени „дела кои на ликовната јавност и се малку или воопшто не и се познати, дела кои биле ретко или воопшто не биле изложувани“, им се заблагодари на Министерството за култура на Република Македонија за финансиската поддршка на овој проект, на Фондацијата „Илија Камчев“ за донацијата за успешната подготовка на јубилејната изложба, на сите институции и поединци кои учествуваа во подготовката на изложбата. Особена благодарност им посвети на Маја Неделкоска-Брзанова и Татјана Бундалевска, кустоси во Националната галерија на Македонија и авторки на проектот, како и на сите автори на текстовите во монографијата (Соња Абаџиева-Димитрова, Викторија Васев Димеска, Конче Пиркоска, д-р Владимир Величковски). Д-р Старова Ќерими им врачи благодарници на г-дин Славко Мазев, син на големиот Петар Мазев и на г-дин Орце Камчев, претседател на фондацијата „Илија Камчев“ за поддршката во реализацијата на изложбата.

Орце Камчев, претседател на фондацијата „Илија Камчев“ посочи дека оваа Фондација „своите стремежи ги насочува кон помагање на уметноста во нашата заедница – културниот импулс, во негувањето и презентирањето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време, со цел еден позитивен исчекор на уметничкиот и културен развој во Република Македонија. Неодоливата енергија во сликите на Мазев, како што велат врвни критичари и проследувачи со светски углед и авторитет, не води напред и ги потенцира врвовите на нашата култура, уметност, на нашиот израз. Тој е пример и поттик, сите ние да помогнеме и придонесеме во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност во Македонија и во светот.“

Професор Симон Шемов, присеќајќи се на раните почетоци на Петар Мазев, емотивно изјави: „Јас сум бескрајно горд на мојот вујко Петар Мазев, горд сум што токму тој беше причината да појдам по неговиот пат. Чувствувам благодарност што беше пример за мене и најблиските негови млади роднини да се определиме за оваа благородна творечка област – сликарството“.

Валмир Азири, државен секретар во Министерството за култура на Република Македонија истакна дека „поддршката кон овој тип на проекти и претставување на нашите најзначајни уметници ќе продолжи и ќе се засили. Великаните на уметноста во Македонија заслужуваат нивните дела да бидат претставени достоинствено пред граѓаните. Тие не само што ја претставуваат нашата богата уметничка историја и традиција, туку претставуваат вистинско уживање за вљубениците во сликарството, но и значајна алатка за културно и уметничко издигнување на идните генерации.“