Загадувањето на воздухот е сериозен проблем со кој се соочува Македонија. Според Светската здравствена организација (СЗО) околу 6,5 милиони годишно или 18.000 луѓе дневно во целиот свет умираат како последица на загадувањето на воздухот. Се смета дека тоа е четвртиот по големина „убиец“ на луѓето, веднаш после крвниот притисок, неправилната исхрана и пушењето.
Оттука се поставува прашањето колку се дозволените концентрации на штетни супстанци за да се намали смртноста. Законодавството ги дефинира граничните и целните вредности, долгорочните цели и праговите за алармирање кај амбиентниот воздух. Според Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во англомерација Скопски регион (pdf):
- просечна годишна концентрација за ПМ2,5 не треба да надминува 25 μg/m3;
- просечна годишна концентрација за ПМ10 не треба да надминува 40 μg/m3, додека 24 часовна концентрација не треба да надминува и 50 μg/m3.
Годишниот извештај од обработени податоци за квалитетот на животната средина (pdf) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за 2015 година покажува дека просечната годишна концентрација на PM2,5 во 2015 за Центар изнесувала 40,14 μg/m3, а за Карпош 50,51 μg/m3. Од друга страна, концентрацијата на ПM10 во овие две општини на градот Скопје изнесувала 72,82 μg/m3 и 57,06 μg/m3, соодветно.
Според оценката на квалитетот на воздухот, направена врз основа на информациите за квалитетот на воздухот добиени од седум станици за мониторинг на квалитетот на воздухот поставени во Скопската котлина, најкритична загадувачка супстанца се суспендираните честички: концентрациите на ПM10 ги надминуваат среднодневните и просечните годишни гранични вредности, додека концентрациите на ПM2.5 ги надминуваат просечните годишни гранични вредности во целиот регион.
Постојат и други причини за зголемените концентрации на цврсти честички во амбиенталниот воздух во градот Скопје. Меѓу нив се издвојуваат и:
- aтмосферските услови – појавата на атмосферска инверзија во текот на зимските месеци;
- урбанистичките фактори – плановите и локациите на изградените објекти (урбанистичката поставеност на објектите не овозможува лесно плакнење на воздухот и продор на ветер) и
- сообраќајот – кој е еден од големите загадувачи во текот на целата година како и одржувањето на јавната хигиена.
Волјaта за надминување на овие проблеми иницира иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот. Поаѓајќи од ова, Фондот за иновации и технолошки развој Ве повикува да учествувате на О2 ПРЕДИЗВИК-от. Во реализацијата на предизвикот ќе се вклучат Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации(УНДП), како и други партнерски организации и експерти.
О2 Предизвикот овозможува поширок опсег на натпреварувачи да се вклучат со свои идеи во решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот во урбаните средини, а во исто време претставува пилот-проект за дизајнирање и воведување на нов Инструмент на Фондот за иновации и технолошки развој насочен кон организирање натпревари и предизвици за изнаоѓање на иновативни решенија од општествен интерес.