
Отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдеон во саботата повика на формирање обединет политички фронт за изборите на 21-ви декември коишто ги распиша шпанската влада откако ја поништи прогласената независност на североисточната покраина Каталонија и ја суспендираше нејзината автономија што значи преземање на контрола над покраинските органи, а соборениот челник се спротистави на притворањето на поранешниот членови на регионалната влада.
Карлес Пучдемон, кој замина во Белгија откако неговата влада Мадрид ја распушти по објавувањето на независноста, во петокот потврди дека најверојатно ќе учествува на изборите од Брисел.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој поради оваа најголема политичка криза од воведувањето на демократијата во Шпанија во 1978 година по завршувањето на диктатурата на Франциско Франко, распиша предвремени парламентарни избори откако пред една седмица ја презема контролата над Каталонија.
Политичките партии во оваа богата североисточна покраина кон француската граница кои сакаат да настапат со заедничка платформа имаат време до вторник да ја регистрираат коалицијата.
„Време е сите демократи да се обединат. За Каталонија, за слободата на политичките затвореници и за републиката“, напиша Пучдемон на својот профил на Twitter, а во оваа објава го постави и линкот на интернет страницата Ilistaunitaria.cat којашто повикува на обединување на партиите против шпанската влада.
Девет членови од кабинетот на Пучдемон во четвртокот беа притворени по одлуката на шпанскиот висок суд, а ги очекува истрага и најверојатно судење.
Шпанија во петокот издаде потерница и по Пучдемон и уште четворица негови соработници за да одговараат по обвинувањата за бунт, злоупотреба на јавните средства, непослушност и повредата на довербата поради нивната кампања за сецесија.