Хакери добиле пристап до речиси 200 мрежни адреси поврзани со Трамп

Непознати хакери добиле пристап до 195 интернет адреси коишто му припаѓаат на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, на членовите на неговото семејство, како и неговата бизнис империја, објавија во саботата американските медиуми.

Според сознанијата на агенцијата Associated Press, инцидентот се случил пред четири години, кога ниту се претпоставуваше дека Доналд Трамп ќе се кандидира за претседател на Соединетите држави. Како што се наведува во написот, биле извршени два напади во август и во септември 2013 година.

Се истакнува, исто така, дека претставниците на „Trump Organization“ претходно ги негираа инфромациите дека споменатите домени биле хакирани. Сепак, според AP, сведоштвата кои агенцијата ги добила од експерти за интернет безбедност, како и од нејзини извори, го укажуваат токму спротивното.

Како што е наведено во извештајот, по хакирањето корисниците кои ги посетиле овие адреси биле пренасочени на одредени сервери кои биле, наводно лоциран во руски Санкт Петербург. Според оцените на експертите, притоа компјутерите на овие корисници биле заразени од вируси коишто често се користат за кражба на лозинки.

Непознато е исто така, се додава во написот, дали некој од корисниците имал претрпено штети од овој кибернетички инцидент.