
Вооружените сили на Германија поаѓаат од можноста за распаѓање на Европската унија во следните дваесетина години, се наведува во интерниот стратешки документ во кој имал увид неделникот Der Spiegel.
Како што наведува неделникот Der Spiegel во својот најнов број, Бундесверот во својата студија под наслов „Стратешка прогноза 2040“ донесува неколку можни сценарија за развој на ситуацијата на европскиот континент.
Едно од сценаријата е насловено како „ЕУ во распад и реакцијата на Германија“ кој тргнува од „повеќекратните конфронтации“ и распаѓањето на постојниот систем на вредности.
„Проширувањето на ЕУ е запрено, многу членки ја напуштиле заедницата, а Европа загуби на глобалната конкурентност“, се наведува меѓу другото во ваквото сценарио.
Притоа авторите на студијата, којашто е еден од прилозите во размислувањата за иднината на Бундесверот, не поаѓаат исклучиво од судирите внатре во ЕУ како главна причина за распадот на вредносниот систем.
„Хаотичната, стихијната и сѐ поконфликтна глобална ситуација драматично ја промени безбедносно-политичката атмосфера за Германија и за Европа“, се наведува во документ кој го цитира неделникот.
Како натамошно можно сценарио за иднината на европскиот континент, авторите предвидуваат враќање на судирот на линијата исток-запад, при што се предвидува самоизолација на некои источни членки на ЕУ, па дури и приклучување на некои земји членки на „источниот блок“,
„Кај некои ЕУ партнери можно е приближување на државно-капиталистичкиот одел според примерот на Русија“, се наведува во студијата.
Зад овие „симулации“ стојат научници од академијата на Бундесверот, истакнува Der Spiegel.