Масовна евакуација во центарот на Москва поради закана со бомби

Илјадници луѓе се евакуирани во неделата попладнето од московскиот театар Баљшој, хотелот „Метропол“и трговскиот центар ГУМ на Црвениот плоштад и други јавни простори поради закани со бомби, пренесуваат локалните медиуми.

Серија анонимни телефонски повици во изминатите два месеца предизвикаа несигурност во околу 20 објекти во Москва, во трговските центри, железничките станици, ресторани и јавните институции ширум Русија. Засега тие се покажаа како лажни тревоги за кои никој не ја презема одговорноста, но има некои уапсени лица.

Новинската агенција РИА, повикувајќи се на полициски извори, пренесува дека од хотелот „Метропол“ и трговскиот центар ГУМ се евакуирани повеќе од 5.000 луѓе. Уште 11.000 луѓе се евакуриан од неколку трговски центри во јужниот административен округ на руската престолнина, како и во други квартови.

Агенцијата ТАС, исто така, повикувајќи се на полицијата, додава дека е евакуиран и театарот Баљшој, а евакуацијата започнала во 16 часот по локално време, пред почеток на претстава.

Очевидец за агенцијата Reuters рекол дека полицијата ги затворила пристапите кон споменатите објекти.

Александар Бортников, , шеф на безбедносната служба ФСБ, минатиот месец изјави дека властите го знаат идентитетот на одговорните за телефонските закани, а станува збор за четворица руски државјани кои живеат во странство, но имаат „соработници“ во Русија.

Бранот на ткн телефонски тероризам во Русија започна на 11-ти септември годинава, и од тогаш во разни региони на земјата биле евакуирани околу 1,4 милиони луѓе. Кон средината на октомври стивнаа ваквите закани, и речиси за двојно се поретки.