Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, изјави во понеделникот реагирајќи на изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека прашањето на разграничувањето на двете држави ќе се реши преку меѓународна арбитража, дека за Црна Гора прашањето на демаркацијата на границата со Косово е завршено и истакна дека таквиот став го имаат и САД и Европската унија.
За Црна Гора прашањето на границата со Косово е „решена работа“, рече шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ и притоа истакна дека неговата земја не го поништила ратификуваниот меѓународен договор, ниту, пак, ќе го стори тоа.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во саботата изјави дека решението за прашањето на разграничување со Црна Гора останува меѓународна арбитража, бидејќи во косовскиот парламент нема доволно гласови за усвојување на сегашниот предлог на договорот, на којшто и самиот тој се спротиставува.
Разграничувањето со Црна Гора и напредување во борбата против корупцијата и организираниот криминал на Косово се двата преостанати услови од коишто зависи можноста за слободно движење на косовските граѓани без визи во земјите од Шенген зоната.
Дел од косовската јавност и политичките партии, вклучително и самиот премиер Харадинај, сметаат дека Косово со разграничувањето е оштетено за 8.000 хектари територија и поради тоа две години косовскиот парламент не го усвојува договорот за разграничување, кој е потпишан во Виена во август 2015 година, иако тоа веќе го стори црногорскиот парламент.
По промената на власта почетокот од септември косовската влада формираше нова комисија којашто би требало да ја одреди границата со Црна Гора.
Дармановиќ рече во понеделникот дека официјална Подгорица не сака да врши притисок околу тоа кога косовскиот парламент ќе најде формула по којашто ќе го ратификува овој меѓународен договор.
„Не ми е познато дека Црна Гора некогаш го поништила ратификуваниот меѓународен договор, така што тоа нема да се случи ни овојпат. Ние, секако, сме трпеливи и чекаме евентуален позитивен развој на настаните на Косово бидејќи ова е нивно внатрешно прашање“, рече шефот на црногорската дипломатија.
„Што се однесува до евентуалната меѓународна арбитража, за арбитража е потребна согласност, волја, потребни се две страни, а веќе реков дека ние таа работа ја завршивме“, изјави Дармановиќ во Подгорица.
Црногорската влада и нејзиното министерство за надворешни работи досега не се огласуваа по тврдењата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека ова прашање за разграничување на двете држави наскоро ќе биде решено, како и дека, како што неодамна изјави, „наскоро ќе се потврди дека вистинската граница е во внатрешноста на територијата на Црна Гора“.
Шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ претходно повеќепати дека за Црна Гора оваа приказна околу разграничувањето со Косово е завршена. Тоа го повтори и на почетокот од ноември при првата посета на Харадинај на Подгорица.