
Федералниот уставен суд на Германија донесе одлука со која изјаснувањето како припадник на трет пол во иднина ќе биде вклучено во официјалните документи. Ваквата одлука на судот следува откако кај едно лице со анализи било утврдено дека не е ниту маж ниту жена, по што била поведена постапка за добивање на статусот меѓупол.
Првата пријава да биде заведено под овој статус била одбиена бидејќи, според германските закони, личноста може да биде машко или женско или тоа место во документот да остане непотполнето.
„Судовите и административните власти повеќе не можат да ги применуваат адекватните стандарди со оглед дека тие го посочуваат полот на лица чиешто сексуално развивање е различно во однос на женското или машкото сексуално развивање и кои од тие причини не се изјаснуваат себеси како припадници на машки или женски пол.“ – се наведува во одлуката на судот.
Оттаму велат и дека доделувањето на пол е од огромно значење за индивидуалниот идентитет на личноста, неговата самопочит, како и начинот на кој личноста е перцепирана од страна на општеството. Судиите одлучија и дека е неоправдано да се тераат лица кои не се ниту мажи ниту жени да оставаат празен простор во официјалните документи бидејќи законот не бара бинарна дефиниција на полот. Судот во Карлсруе пресуди дека моменталната состојба против интерсексуалците е дискриминаторска и побара од членовите на бундестагот до крајот на 2018 година, да усвојат нова регулатива.
Интерсексуалните лица можат да имаат карактеристики кои не се целосно машки ниту женски ниту пак комбинација од едното или другото. Лица кои се идентификуваат како интерсексуалци веќе се заведуваат во официјалните документи во Австралија, Индија, Нов Зеланд и Непал.