
Втор ден продолжува штрајкот на вработените во Фени Индустри пред филијалите на Стопанска, Комерцијална и Силк банка, против одлуката на Основниот суд Велес за отворање на стечајна постапка на комбинатот.
Претседателот на синдикатот истакна дека од самиот почеток на постоењето Фени се соочувал со лоши моменти, но никогаш не бил во толку лоша ситуација како сега. Тој додаде дека цената на никелот се покачила за 13.000 долари за тон никел.
-Бараме Владата на Република Македонија да се вклучи во целост за изнаоѓање на решение, прифатливо за нас вработените. А тоа е да не одиме во стечај, да продолжиме со извршување на нашите работни задачи, да немаме прекин во работниот однос и цело време до моментот на продажбата да имаме статус на вработени во нашата компанија, додаде Палитов.
Toj како претседател на Синдикот кажа дека воопшто не е важно кој ќе биде нов инвеститор на Фени, и рече дека единствено што е важно на вработените е животна егзистенција за себе и за своите фамилии.
-Ова сакам да го потенцирам, доколку одиме во стечај, одиме сите до еден, нема да остане никој на работа во Фени, додаде Палитов.
Еден од работниците кои денес учествуваше во штрајкот изјави:
-Сакаме работа, не сакаме стечај. Горе од владата ни кажаа дека е нужен стечај, додаде тој.
Работниците се едногласни дека никој не прифаќаат стечај на гигантскиот металуршки комбинат Фени. Истакнаа дека пред некое време никелот имал цена од 7 долари, па пак не дошло до оваа ситуација во која се наоѓа сега. Категорични се сите и не сакаат да останат на улица и побараа да се прекине оваа голгота која ја поминуваат не само тие, туку и нивните семејства.
За потсетување, основниот суд Велес го назначи стечајниот управник Мирослав Анастасиев, кој во јавноста е познат како близок партиски соработник и финансиер на кампањата на СДСМ за време на минатите предвремени парламентарни избори.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев во неколку наврати известуваа дека се работи на пронаоѓање на решение за проблемот. Но кавадарчани се крајно револтирани поради лажниот и манупулативен однос од висок претставник на Владата на СДСМ.
Сета постапка започна откако извршителите ја блокирале сметката на „Фени“ поради долг за неисплатена електрична енергија. Со струја ФЕНИ се снабдуваше од компанијата ЕДС, која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Како што најавија, штрајкот продолжува и утре со блокирање на патот Градско-Прилеп и клучката кај Дреново.