Чевларите бараат намалување на придонесите за да исплатат минимална плата

Мал дел од компаниите ќе добијат субвенции за минимална плата. Од вкупниот број кои побарале финансиска поддршка само 560 фирми за 2700 вработени ги исполнуваат условите.

Пред да се донесе законот за минимална плата проценките беа дека пониски примања од 12 000 денари земаат околу 130 000 работници. Тоа значи дека за само 2,5 % од овие лица е одобрена поддршка.

Претходно од ОРМ обвинија дека причина за  ваквата состојба е серверот на УЈП кој не ги прифаќал барањата односно не препознавал прекувремени саати, работа на празник, породилно и други боледувања.

Работодавачите од кожарскиот сектор од Куманово предупредија  дека компаниите не се моќни да го исплатат минималецот. Истиот проблем го имаат и текстилните фабрики.

Од  МТСП пак потенцираа дека од овој месец сите оние кои што ќе се обидат да го злоупотребат Законот за исплата на минималец ќе се соочат со ригорозни казни.