
Истражувањето на ставот за сексуалното вознемирување покажува дека постои широк консензуз во западните и северните европски земји, но и некои изненадувачки разлики.
Однесувањето коешто секаде и секогаш се смета за неприфатливо е кога мажот ги покажува своите гениталии, бара сексуална услуга од жена, го допира задникот на жена или се обидува да ѕирне под женското здолниште.
Компанијата за испитувања на јавното мнение YouGov ги објави во четвртокот резултатите од истражувањето со коешто биле опфатени 8.490 испитаници од Велика Британија, Данска, Франција, Финска, Германија, Норвешка и Шведска.
Истражувањто покажало разлики во ставовите меѓу мажите и жените, како и од земја до земја.
На пример, ѕверењето во женските гради предизвикало различни реакции. Во Германија 73 отсто мажи и 58 отсто жени тоа не го сметале за сексуално вознемирување, додека 57 отсто Британки тоа го сметаат за неприфатливо.
Раскажување вицеви со сексуална тематика од страна на маж за жените во Финска според оцените и на двата пола во 67 отсто случаи се сметало за вознемирување а во Франција такво мислење имале 53 отсто. Во Норвешка таквото мислење го споделувале 47 отсто од испитаниците, во Шведска 38 отсто, а само 17 отсто Данци тоа го сметало за непристојно.
Истражувањето покажало спротивности и околу некои од предрасудите за нациите. Така Французите, коишто се доживуваат како нација наклонета на кокетирање, биле построги по некои прашања од скандинавските земји Данска, Норвешка и Шведска.