
Европратеникот и специјалниот известувач за Македонија, Иво Вајгл, изјави во петокот дека партиите начелно потврдиле присуство на средбата во куќата на покојниот француски политичар и дипломат Жан Моне во Париз.
„Во секој парламент во светот партиите не се согласуваат по сите прашања, бидејќи имаат различни позиции. Тоа што се случи во овој парламент на 27-ми април беше болно искуство за сите и мислам дека сите политички партии извлекоа некоја лекција и сега се подготвени да работат на подобрување на заедничките и демократски врски“, рече Вајгл.
Во изјавата известувачот тврди дека оваа иницијатива не е замена ниту продолжение на Пржинскиот договор, туку дијалог кој би ја зголемил емпатијата и би придонел за конструктивно функционирање на македонскиот парламент.