Наместо враќање на ДДВ, граѓаните добија зголемување на акцизата. Ударот врз семејниот буџет нема да го ублажи повратот на 15% од ДДВ-то кој СДСМ го ветуваше, но нема да го оствари следната година. Пари за оваа мерка не се предвидени во предлог буџетот за 2018-та. Граѓаните се разочарани, бидејќи ветеното нема да се исполни. Велат и онака едвај врзуваат крај со крај, па уште и покачувањето на акцизата дополнително ќе удри врз нивните финансии. Инаку СДСМ ветуваше 15 проценти од платениот ДДВ на секоја сметка, за вода, за храна, за облека, за струја, за се за што плаќаат граѓаните, да се врати на нивните сметки, објави денеска телевизија Алфа.
СДСМ ветуваше враќање на 15% од ДДВ-то уште на минатите предвремени парламентарни избори на 11 декември. Премиерот пред граѓаните велеше дека со овој потег, секое семејство ќе добие уште една плата повеќе годишно.
Од министерството за финансии соопштуваат дека како што било најавено проектот ќе започнел во неколку пилот општини, но не прецизираат од каде ќе се најдат пари за тоа, бидејќи не се предвидени в обуџетот за наредната година.
„Во текот на 2018 година ќе бидат одбрани и објавени конкретните општини и деталите од пилот проектот, граѓаните ќе бидат навремено информирани и подготвени за оваа мерка“
Не само акцизата, туку и голем дел од даноците во наредните неколку години ќе подлежат на промена. Освен стапката на ДДВ за која е потврдено дека нема да расте, министерството за финансии прави анализи и ќе организира дебати и за зголемување на данокот на имот, мерки против намалување на даночната основица за плаќање данок на добивка, а веќе е потврдено и дека од 2019-та ќе се воведат прогресивни стапки на персоналниот данок.