![ivanov butaris](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/11/ivanov-butaris.jpg?resize=640%2C386&ssl=1)
И покрај отвореното билатерално прашање за името на земјата, соработката меѓу македонското и грчкото општество е на завидно ниво и потребно е нејзино натамошно унапредување, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој во четвртокот го прими солунскиот градоначалник Јанис Бутарс, кој претходно во владата се сретна со премиерот Зоран Заев.
„Република Македонија е подготвена за натамошно јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес кои ќе придонесат за нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство“, рекол Иванов на средбата, известуваат од кабинетот на шефот на македонската држава.
Го поздравил интензивирањето на дијалогот и напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба и внесување на нови содржини во билатералната соработка.
Според Иванов, од особено значење е натамошното продлабочување на економската соработка, усогласувањето и унапредувањето на правната рамка во интерес на бизнис заедниците од двете земји, како и потребата за натамошно инфраструктурно поврзување, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини. Двајцата соговорници разменија мислења околу можностите за развој на проектот Вардар – Морава – Дунав, што ќе придонесе за отворање на нови можности за економиите, нови инвестиции и работни места.