Костовски: Со Законот за двојазичност постапките пред нотар во цела држава ќе бидат двојазични

Законот за двојазичност на СДС предвидува постапките пред нотар и извршител на територија на цела држава да бидат двојазични. Ова стои во член 10 од овој закон кој СДС во забрзана постапка го турка во Собрание, истакна Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Со овој закон по предлог на СДС,  нотарите и извршителите од градови како Штип, Струмица, Кочани, Делчево, Радовиш, Гевгелија и други градови низ источна и јужна Македонија, каде нема практично граѓани Албанци или па се во многу мал број, ќе мора да издаваат документи на албански јазик, само затоа што законот ги обврзува. Сето ова се дополнителни трошоци кои повторно ќе паднат на товар на граѓаните. Имено став 1 од член 10 од законот за двојазичност вели, цитирам: „Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки може да се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.“ Истото го предвидува и ставот 2 од истиот член во однос на извршителите. Ова почитувани граѓани значи дека сите нотари и извршители на територија на Република Македонија ќе мора да издаваат и документи на албански јазик кои потоа ќе се користат во правниот промет, рече тој.

Костовски порачува дека овој закон е надвор од рамките на Уставот и е спротивен на реалните потреби на граѓаните во Република Македонија.

-Овој закон не носи реален бенефит за никого. Наместо да ги доближи македонците и албанците, овој закон ќе креира уште поголем јаз. Со овој закон дополнително се намалува потребата албанците да го учат македонскиот јазик кој досега беше врзивно ткиво за сите етнички заедници. Со овој закон СДС креира две паралелни општества во Република Македонија и на долг рок сериозно го загорзува нејзиниот сегашен карактер. Законот за двојазичност  не носи раст и развој за државата, законот за двојазичност носи нови поделби во македонското општество. Затоа ВМРО-ДПМНЕ  нема да го поддржи овој неуставен закон, потенцира тој.