
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во понеделникот заедно со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, се сретнаа со претседателот на Република Албанија Илир Мета.
На средбата се разговараше за македонско албанските односи, за актуелната политичка состојба и за стратешките приоритети на Република Македонија.
Соговорниците ги реафирмираа заложбите за отворена економска и политичка соработка меѓу двете држави базирана на принципиелна основа.
„Груевски посочи дека во поглед на остварувањето на приоритетот за влез во НАТО значајна е поддршката на сите земји членки на алијансата вклучително и поддршката на Република Албанија, а воедно тој посочи постојат заеднички предизвици за напредок на патот кон Европската унија, во чие надополнување соработката е добредојдена“, се наведува во соопштението од средбата.
Воедно Груевски запознавајќи го својот соговорник за актуелните случувања во државата го отворил и случајот со притворот на Едмонд Темелко кој е единствениот Македонец по потекло градоначалник во Република Албанија.
Груевски истакнал дека одлуката за притвор е резултат на политички притисок и не е заснована на правни принципи. Воедно Груевски изрази загриженост за неговата здравствена состојба која е влошена, и која е доказ за нечовечко однесување и постапување спрема човекот кој е борец за човекови права и градоначалник во општина во Албанија.
Груевски посочил и дека од соседните држави треба да се очекува политика на заемно почитување и придонес за зајакнување и исполнување на приоритетите. Таквата политика ќе доведе до релаксирање на атмосферата и градење на доверба која е потребна за економски и политички напредок на регионот. Занимавањето и потенцирањето на етноцентристички теми и идеи не придонесуваат за развој на добра атмосфера и меѓусебна доверба.
https://www.youtube.com/watch?v=cXhTrD4FRsA