Поранешниот претседател на Парламентот вели дека законодавниот дом „гази“ по Уставот и по Деловникот.
Интегрално го објавуваме Отвореното писмо на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, до пратениците.
ОТВОРЕНО ПИСМО
Како актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија и долгогодишен претседател на законодавниот дом не можам да останам имун и рамнодушен на непрестаното кршење и непочитување на Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието, почнувајќи од таканаречениот „избор“ на претседател на Собранието на 27.04.2017 година.
Од неколку причини се одлучив на начин на вакво писмено укажување, на вас колеги пратеници, на граѓаните, но и на претставниците на меѓународниот фактор за тоа што сите овие месеци се случува во Собранието, а е срамно да се случи и како исклучок, а камо ли како правило како што всушност се случува секојдневно.
Начинот на кој беше организирана и oдржана таканаречена „седница“ за избор на претседател на Собранието, очекувано стана пракса во секојдневното функционирање на законодавниот дом на државата.
ЗЛОУПОТРЕБА НА ЧЛЕН 68 СТАВ 2 – СИТЕ СОБРАНИСКИ СЕДНИЦИ СЕ ПРИКАЖУВААТ КАКО ИТНИ
Од свикани 21 седница на Собранието на Република Македонија (конститутивната и седницата за пратенички прашања не се во бројката затоа што се свикуваат по други одредби), дури 16 се свикани по член 68 став 2 кој е предвиден за итни случаи, а не за било кои седници, како што тоа се прави постојано.
Наместо свикување на седница по член 68 став 1, со предлог на дневен ред и достава на материјали за секоја точка на пратениците десет дена пред денот на одржување на седница, седниците се свикуваат од денеска за утре (Трета, Четврта, Седма, Шеснаесетта, Осумнаесетта, Деветнаесетта, Дваесетта, Дваесет и прва), па дури и од денес за денес (Деветта, Десетта, Седумнаесетта) со цел да се избегне достава на материјали, се анулира време во кое пратениците би се подготвиле за расправа, се избегнуваат рокови за поднесување амандмани. Нема никакво, ама баш никакво оправдување за непрекинатото изигрување и злоупотрбување на членот 68!
За илустрација, како „итни“ се свикани: Втората, Третата, Четвртата, Петтата, Седмата, Осмата, Деветтата, Десеттата, Единаесеттата, Шеснаесеттата, Седумнаесеттата, Осумнаесеттата, Деведесеттата, Дваесеттата, Дваесет и првата и Дваесет и втората седница на Собранието на Република Македонија.
2. ПРЕСЕДАН ВО СВИКУВАЊЕ И РЕАЛИЗИРАЊЕ НА СЕДНИЦА ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА
Дваесет и третата седница, која е седница за пратенички прашања се свикува два дена пред нејзино одржување (на 22ри за 24ти ноември)!? Деловникот во член 40 утврдува дека пратениците за поставување пратенички прашања известуваат 24 часа пред одржување на седницата. Го чита ли некој воопшто Деловникот? Или го чита и со една огромна леснотија без тронка грижа го прекршува, гази и продолжува понатаму?
Седницата за прaтенички прашања што е пред нас е своевиден преседан во работењето на законодавниот дом и од уште еден аспект. Во ист ден во кој е свикана седница за пратенички прашања свикани се и уште две други седници на Собранието и уште две други седници на работните тела. Тоа никогаш претходно не се случило, и не смее да се случува! Неоправдано е и неразумно!
3. ПРОИЗВОЛНИ И НЕДЕЛОВНИЧКИ РОКОВИ ЗА АМАНДМАНИ
На дневен ред на пленарните седници, како и на седниците на комисиите се ставаат точки – предлог закони, за кои се даваат произволни рокови за амандманска интервенција, спротивно на деловничките одредби.
4. НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИЧКИ ОДРЕДБИ ЗА ПОСТАПКА ПРИ ИНТЕРПЕЛАЦИЈА
Прекршувања, во низа, на член 45 став 3 со ненавремено доставување на интерпелација до пратеници и носител на функција на кој му е упатена интерпелацијата. Прекршувања и на член 47 со непочитување на предвидениот рок за ставање на пленарна седница (16 дена порано од деловничкиот рок).
5. ЗАБОРАВЕНИ ЗАКОНИ ВО ПРВО ЧИТАЊЕ
Предлог закони по кои завршило прво читање со месеци стојат заглавени или заборавени без да се стават во второ читање, иако Деловникот (член 149) предвидува рок од 7 дена по завршување на прво читање истите да бидат разгледани во второ читање.
6. КОНСТАТИРАЊЕ НА ОСТАВКА НА НЕУТВРДЕН ДНЕВЕН РЕД НА СЕДНИЦА И ВЕРИФИКАЦИЈА НА НОВИ МАНДАТИ НА ИСТАТА СЕДНИЦА
Прекршување на член 115 став 2 кој утврдува дека Собранието на првата наредна седница, без претрес, ја констатира оставката, но на утврден Дневен ред, а не пред негово утврдување со цел да се изигра Деловникот. Верификација на нови пратенички мандати не може да биде на истата седница, како што се случи неодамна, туку треба да биде на наредната.
7. НАСТОЈУВАЊЕ ДА БИДЕ ДОНЕСЕНА ПРАВНО СПОРНА ПРЕДЛОГ ОДЛУКА ЗА ЗАМЕНИЦИ ГЕНЕРАЛНИ СЕКРЕТАРИ НА СОБРАНИЕТО
На пленарна седница се настојува да се донесе Предлог одлука за избор на заменици генерални секретари во поинаква форма, односно поинаков персонален состав од тој кој го разгледувала и изгласала комисијата. Практично, на комисија една одлука, на пленарна седница друга. Уште еден преседан во историјата на работењето на законодавниот дом.
8. ЗЛОУПОТРЕБА НА ЧЛЕН 60 – ОДРЕДУВАЊЕ НА МАТИЧНО ТЕЛО
Злоупотреба и прекршување на член 60 точка 4 од Деловникот при одредување на матично тело за Предлог закон за употреба на јазиците, пропратена со злоупотреба на европското знаменце во недостиг од оправданост за негово присуство и постоење на соодветна европска директива.
9. САМОВОЛНО ОДНЕСУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈА
Свикана Комисија за европски прашања, истата одложена на неопределено време со изигрување на деловничкиот рок и рокот за поднесување на амандмани. Претседател на Комисија кој си дава за право по сопствена волја да одредува одржување на комисија надвор од деловничките рокови.
Почитувани колеги пратеници, што е следно?? Да не го забораваме фактот дека молчењето е одобрување.
Се доведуваме во незавидна состојба како членови на Законодавен дом да го искинеме Деловникот, како академски граѓани да ги искинеме универзитетските дипломи, како претставници на народот да се засрамиме пред довербата која ни ја дале граѓаните. Ако ние како пратеници не почитуваме законски норми, Деловник и Устав, со кој легитимитет ги носиме законите и очекуваме граѓаните да ги спроведуваат и почитуваат“, пишува Вељаноски.