
Шест лица и две фирми се кривично пријавени поради сомневања дека переле пари, откако годинава ја измамиле синдикалната организација на кавадеречкиот комбинат „Фени индустри“ за набавка на огревно дрво, а притоа договорените количества огревно дрво воопшто не биле испорачани.
До основното јавно обвинителство во Прилеп поднесена е кривична пријава против против шест физички лица И.К. (41) од Прилеп, Ј.Х.(34) од Крушево, Д.Б.(45) од Скопје, С.Д. (64) од Битола, Н.Д. (29) од Велес, Г.Н. (43) од Прилеп, како и против двете правни лица „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп и „Дејо Интернационал“ ДООЕЛ Скопје, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Перење пари“ предвидено и казниво по чл.273 од КЗ на РМ, информираше во петокот Министерството за внатрешни работи.
Според сознанијата, прилепчанецот И.К. во својство на прв оснивач и управител на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп, заедно со крушевчанецот Ј.Х., кој бил сопственик на фирма која се занимава со трговија на огревно дрво од Крушево, во првиот квартал на оваа 2017 година склучиле договор за продажба на огревно дрво меѓу фирмата „Прлица“ од Прилеп, како продавач и синдикалната организација на „Фени Индустри“ од Кавадарци, како купувач.
Со договорот, продавачот се обврзал да испорача 2.800 кубни метра дабови дрва од прва класа и 700 метри кубни бука прва класа, додека, пак купувачот се обврзал да плаќа редовно на шест еднакви месечни рати. Парите за првите три рати, кои биле уплаќани на жиро-сметката на прлипската фирма, веднаш биле извлекувани, паралелно со нивниот прием и без какво и да е реално покритие дека фирмата имала какво било работење.
Интересно е што оваа фирма немала никакво работење пред и по договорот со синдикалната организација на „Фени Индустри“, немала никакви средства за работа, ниту склучени договори за набавка на огревно дрво, што посочува дека таа била намерно формирана со цел да биде изведена измамата.
Исто така, фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп, според пријавата, немала деловни односи со второпријавената фирма „Дејо Интернационал“ од Скопје, преку којашто, пак, противправно биле извлечени парите од втората рата извршена од синдикалната организација на „Фени индустри“.
По исплатените три рати на сметка на ДООЕЛ „Прлица“ во висина од 3.650.000 денари, продавачот на 13-ти мај годинава го известил синдикатот на „Фени“ дека не е во можност да ги обезбеди договорените количества огревни дрва.
Пријавените И.К., Ј.Х., како и Д.Б. кој е сопственик на второпријавената фирма „Дејо Интернационал“ од Скопје, Н.Д. управител во првопријавената фирма „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп, Г.Н. во својство на книговодител на пријавените фирми, но и на фирмата од Крушево, и С.Д. пензионер којшто ја ставил својата лична трансакциска сметка во функција на противправните активности, имале цел со вршење трансакции да се извлечат парите од сметката на „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп, фирма која воопшто не е регистрирана за вршење на таква дејност, а коишто биле уплаќани според договорот за набавка на огревни дрва и да се прикрие патот по нивното подигнување.
Пријавените, секој во својот домен, примале и вршеле пренос на парични средства со цел да ги прикажат трнсакциите помеѓу себе како тековни активности на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп. На таков начин извлекле и противправно присвоиле парични средства во вкупен износ од 3.650.000 денари.
За овој случај, инаку, од страна на „Фени Индустри“ во Основното јавно обвинителство Велес бил поведен судски спор.