Родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро револтирани од одлуката на Врховен суд

Одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата и да ја врати на првостепениот суд на повторно одлучување за предметот „Монструм“, каде беа застрелани четири момчиња и еден риболовец кај Смилковско езеро, предизвика голем револт кај родителите на убиените момчиња.

Како што информираа од судот, ваквата одлука е донесена поради тоа што „фактичката состојба е погрешно и нецелосно утврдена, бидејќи пониските судови, теоријата на докажување ја засновале на искази кои биле контрадикторни“.

Дел од родителите не сакаат да ја коментираат судската одлука, само порачуваат дека случајот во кој тие ги загубија своите најмили, бил злоупотребуван за политички цели, објави Телевизија 24.

Од друга страна одбраната очекува ослободителни пресуди.

Од понеделник ќе се знае дали осудените ќе бидат пуштени да се бранат од слобода. Кривичниот суд, инаку, во 2014 година изрече доживотна казна за шестмина обвинети.