
Десетици илјади Романци излегоа во неделата на улиците за да протестираат против обидот да се ублажат законите против корупцијата, пренесуваат агенциите.
Само во главниот град Букурешт 10.000 луѓе се одѕвале на повикот на 39 невладини здруженија и два синдиката и земале учество во демонстрациите кои се одржаа во уште неколку поголеми градови во земјата.
„Правда, а не корупција“, извикувале демонстрантите , како и „ганстери“ и „црвена чума“, алудирајќи дека водечката партија во владејачката коалиција произлегува од поранешната комунистичка партија на Романија.ж
Протестите се насочени на претседателите на двата дома на парламентот, Ливиу Драгнеа и Калин Попеску Таричеану кои во моментов се под истрага. Драгнеа е веќе обвинет за изборни манипулации.
Премиерот Михаи Тудосе под притисокот на пратениците донесе низа мерки со коишто се ублажуваат законите против корупцијата, а истражните тела се ставаат под посилна контролана владата.
Станува збор за втори масовни протести на Романците годинава за да ги одбранат досегашните антикорупциски закони. Поранешниот премиер Сорин Гриндеану се обиде во февруари да го протурка законот со кој би биле декриминализирани некои кривични дела. Реагирајќи на тоа, неговата Социјалдемократска партија го смени од функцијата.
Протестите во февруари беа најмасовните во Романија од 1989 година кога беше соборен комунистичкиот диктатор Николае Чаушеску.