Прогнози за последиците од нуклеарен удар врз Лос Анџелес

Експерите на американското стручно издание National Interest со помош на програма дизајнирана од американскиот Технолошки институт Стивенс ги анализирале последиците од хипотетичкиот нуклеарен напад од Северна Кореја врз Лос Анџелес.

Во анализата била избрана бомба со моќност од 250 тони во еквивалент на ТНТ. Според пресметките, од нејзината експлозија во центарот на мегалополисот ќе настрадаат повеќе од милион жители, 378.000 луѓе ќе загинат веднаш, а 860.000 ќе бидат повредени.

Се истакнува притоа дека во радиус од пет километри од епицентарот на експлозијата повеќето зданија ќе бидат урнати, а шансите да преживеат на оние коишто ќе се најдат во ова подрачје изнесуваат нула. На површина од 150 квадратни километри во радиус од седум километри од епицентарот на ударот, луѓето ќе добијат изгореници од трет степен, а дијаметарот на огнената топка ќе достигне илјада метри.

Авторите на студијата истакнуваат дека бројот на жртвите од еден ваков нуклеарен удар може да се спореди со загубите на САД во текот на целата Втора светска војна, и, како што се надеваат, нивните пресметки ќе останат само научна фантастика.

Меѓутоа, Пјонгјанг бил подготвен да изврши нуклеарен удар врз САД, се наведувало во писмото коешто од Северна Кореја му било предадено на рускиот претседател Владимир Путин, изјави кон средината на ноември за агенцијата РИА извор запознаен со ситуацијата.

„За тоа писмо ѝ беше дадено до знаење на американската страна, по што позицијата на Вашингтон кон Северна Кореја се промени“, рекол неименуваниот соговорник на агенцијата.

Писмото севернокорејската делегација му го предала на рускиот претседател Владимир Путин преку спикерот на Советот на Федерацијата, Валентина Матвиенко, за време на средбата на маргините од собранието на Интерпарламентарната унија кое се одржа во октомври. Според самата Матвиенко, претставниците на Пјонгјанг ѝ предале „оригинал од реакцијата на врховниот водач на Северна Кореја, Ким Џонг-ун на настапот на американскиот претседател Доналд Трамп во ОН“.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, пред две седмици изјави дека не знае ништо за ова писмо.

Во својот говор на Генералното собрание на ОН, Трамп остро ја нападна Северна Кореја со обвинувањата дека го загрозува целиот свет „со смртта на незамислив број луѓе“ поради „безгрижниот развој на ракетната и нуклеарна програма“. „Човекот ракета (како што Трамп го опиша Ким – з.р.) спроведува самоубиствена мисија за себе и за својот режим“, изјави тогаш американскиот челник.

Подоцна, Трамп сепак ја омекна својата реторика во однос на Пјонгјанг, изјавувајќи дека САД се подготвени да ѝ понудат на Северна Кореја „пат кон подобра иднина“, споменувајќи ја темата на преговори, и повикувајќи ги Русија и Кина да помогнат во решавањето на корејската криза.