Притвор за уште двајца осомничени за упадот во Собранието

Кривичниот суд определи во четвртокот притвор од 30 дена за уште двајца обвинети за упадот во Собранието на 27-ми април.

„Во текот на вчерашниот ден пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, беа спроведени две лица опфатени со предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, а поврзано со настаните од 27-ми април во Собранието, за кои по произнесување на спроведените лица во однос на предлогот на обвинителството, судија на претходна постапка донесе решение со кое го прифати предлогот и на М.М и С.М. им определи мерка притвор во траење од 30 дена“, соопшти судот.

Завчера во кривичниот суд беа спроведени 24 лица. На триенаесет од нив им беше определен затворски, а на шестмина куќен притвор.

„М.Ч., О.П., И.Д., М.П., О.Р., Г.А., В.Т., Д.Л., И.Ц., Б.И., Ј.Ч., И.С., и В.М. судијата на претходна постапка го прифати предлогот и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на С.М., Г.Ѓ., М.П., Е.Д.Б., Б.Д., В.Ј, им определи мерка куќен притвор“, соопшти вчера Судот.

Меѓу обвинетите има и пратеници, на кои Собранието денеска им го одзеде имунитетот.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.