Советот на општина Кавадарци на денешната трета седница донесе Програма за заштита и благосостојба на животните. Програмата опфаќа третман на бездомни кучиња, нерегистрирани и регистрирани кучиња, затекнати на јавни површини без присуство на сопственикот.
Постапката вклучува неколку мерки кои ќе ги организира Јавното претпријатие „Комуналец“ во соработка со останати надлежни институции и регистрирани субјекти. Заловувања на бездомни кучиња од страна на квалификувани лица и привремено сместување во прифатилишта, како и третман кој подразбира кастрација, здравствено третирање, социјализација, обележување со микрочип, враќање во регион.
Драган Симоновиќ како одговорно лице во општината рече дека контролата врз спроведувањето на постапката ќе ја имаат локалната самоуправа и комуналното претпријатие.