Ќе се поставуваат вреќи со песок на критичните точки во Скопје

По обилните врнежи кои го зафатија Скопје во текот на изминатата ноќ, утрово се состана Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, во кој членуваат претставници од Град Скопје, јавните градски претпријатија, Противпожарната бригада на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и од Регионалниот центар за управување со кризи. На средбата се координираа активностите за превентивно дејствување за заштита од можни излевања на реката Вардар во Скопје.

  • Денеска во утринските часови нивото на реката Вардар се подигна, а во делот на скејт-паркот, реката се прелеа во мајор коритото. Нашите екипи веќе извршија увид на состојбата на теренот и утврдија три критични точки: на потегот од скејтпаркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“, под зградата на ПИОМ и во Долно Лисиче, каде што завршува регулацијата на реката Вардар – изјави на денешната конференција за медиумите Емил Дуровиќ, началникот на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.

Тој додаде дека градбите и градежните активности што се дел од проектот „Скопје 2014“, а се преземаат во коритото  на реката на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до Камениот мост, видливо ја намалуваат проточноста на коритото и создаваат проблеми при надојдена вода.

Исто така, тој нагласи дека веќе се подготвуваат околу 10.000 вреќи со песок кои набргу ќе почнат да се поставуваат на критичните точки: на потегот од скејтпаркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“ и кај ПИОМ, зашто во текот на ноќта се очекуваат уште поинтензивни врнежи.

  • Работници од јавните градски претпријатија со механизација веќе се на терен и го санираат насипот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај железничкиот мост, кој што пред две години го подигнаа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а кој во меѓувреме беше уништен од несовесни граѓани на должина од 150-200 метри. Подготвени се и пумпи за исцрпување вода, и тоа 4 големи пумпи со капацитет од 8.700 литри вода/минута, како и 40-тина помали пумпи, кои ќе се стават во функција ако за тоа се јави потреба. Штабот за заштита и спасување на Град Скопје ќе дежура во текот на 24 часа и ќе ја следи состојбата на теренот, во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје е подготвен да се справи со оваа состојба и дека нема место за паника – изјави Дуровиќ.