Поплавен подвозник во Сарај, внимателно поради слабиот снег и маглата

Поплавување на подвозникот во висина од еден метар е регистрирани во општина Сарај, кај клучката Матка во близина на бензинската станица „Бис Оил“, соопшти Републичкиот центар за управување со кризи.

Поплавувањето е последица на дождот и дефект на водоводна мрежа на ЈП Водовод и канализација.

Поради обилните врнежни од дожд и честите одрони сообраќајот отежнато се одвива на патниот правец А3 Делчево – Македонска Каменица, информираат од ЈП „Македонија пат“.

На учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно управување со возилата и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Локалниот пат с.Железнец – с.Мало Илино во Демир Хисар не е прооден поради обилни дождови, информира АМСМ.

На патниот правец Р 2238 Маврово – Галичник, 100 метри пред Царева Чешма сообраќајот се одвива отежнато поради излевање на вода на коловозот. На самото место е поставена соодветна сигнализација. Се препорачува овој патен правец да не се користи до негово санирање и нормализирање на сообраќајот.

Сообраќајот на патниот правец А3 Прилеп – Битола – Ресен преку Обиколница Битола е во прекин поради свлечиште кое е расчистено, но од превентивни причини сообраќајот сепак се пренасочува преку градот Битола. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.

Поради оштетување на мостот на автопатот А-1 Градско – Неготино кај Стоби на река Црна, десната лента се затвора за сообраќај, а сообраќајот ќе се одвива по левата коловозна лента. Поставена е соодветна сигнализација.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно по влажни коловози, информират од Јавното преторијатие „Македонија пат“.

Слаб снег провејува на Попова Шапка, додека магла со видливост од 50 до сто метри има на Плетвар.

На магистралниот пат А2 крак Маврово – Стража (два километри пред планинскиот превој) има поголем одрон.

Екипите на „Македонија пат“ се на лице место и работат на расчистување.

Моментално сообраќајот се одвива по една коловозна лента со присуство на сообраќајна полиција.

На магистралниот пат А3 Делчево – М.Каменица има свлечиште, а сообраќајот се одвива по направена девијација (15 до 20 метри).

Јавното претпријатие апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.