Во овие 5 години често доаѓав во Дебар. Доаѓавме на празници, за Велигден, за Рамазан, на Ифтар. Доаѓавме да видиме како напредувате, како успевате во животот. Но бев тука и кога се случи свлечиштето, и кога заедно со Армијата помогнавме да се расчисти патот. Во Дебраско дојдов да помогнам и кога граѓаните од Косоврасти се соочија со проблем. Преку проектот „Спортски бонтон“, ги донесовме тука младите од многу места од Македонија, да го видат соживотот во Дебар. Заедно со учениците од Дебар да учат, да се запознаваат меѓу себе. Заедно бевме и во Џамијата и во црквата.
Со овие зборови претседателот Ѓорѓе Иванов ги поздрави граѓаните на Дебар кои излегоа на вечерашниот митинг за да дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседателски кандидат.
Иванов повторно ја побара довербата од дебарчани. Нагласи дека граѓаните на Дебар пред 5 години му дале многу поголема поддршка нему, отколку на кандидатот на опозицијата и додаде дека се надева на ист исход и на овие избори.
Дебар е дел од програмата на Владата, со цел да се создадат услови за подобар живот. Повеќе вработувања за младите, поквалитетно образование, спокојна старост за пензионерите, субвенции за земјоделците и за сточарите. Секој да почувствува дека нешто во Македонија се менува. Се менува затоа што економијата во Република Македонија расте. Тоа е затоа што како тим работиме посветено, вредно и со љубов за Македонија и македонските граѓани. И се што е во нашите програми се е и во отчетот. За се што сме сработиле, даваме отчет, потенцираше Иванов пред граѓаните на Дебар.
Доаѓаат големи инфраструктурни зафати, како што е и автопатот Кичево-Охрид. Насекаде низ Македонија се градат фабрики, се отвораат нови работни места. Тоа е новиот лик на Македонија, рече Иванов на вечерашниот митинг.
Тој на крај не заборави да нагласи дека градот Дебар е препознатлив по соживотот, меѓуетничката и меѓурелигиската соработка која трае со векови и дека и во иднина ќе биде препознатлив по истото.