Неколку возачи се повредени во Германија, откако снежната бура и ледениот дожд предизвикаа сообраќаен хаос во поголемиот дел од земјата.
Во Дортмунд, на западот од земјата, пријавени се 33 сообраќајни несреќи поради временските услови. Притоа едно лице е повредено, соопшти во саботата локалната полиција.
Во блискиот град Хам, 47-годишен маж е пренесен во болница откако со автомобилот се залетал во стебло. Автомобилите кои се излизгале од коловозите го блокирале сообраќајот на автопатите надвор од градот.
Полицијата регистрирала неколку сообраќајни несреќи и во југозападната сојузна земја Баден-Витенберг. Во градот Етлинген амбулантно возило и автомобил директно се судриле на сообраќајница прекриена од снегот, при што се повредени повеќе лица. Во градот Валдорф едно лице е полесно повредено во судир на автобус и автомобил.
Врнежите од снег и мраз, според прогнозите, ќе продолжат и во текот на викендот, а во алпските предели на Германија се очекува дека ќе наврнат до 20 сантиметри снег.