Ирак објави целосен пораз на ИД

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади објави во саботата крај на војната којашто веќе три години ја водат владините сили против ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД), додавајќи дека е воспоставена целосна контрола на границата кон Сирија.

„Нашите сили целосно ја контролираат ирачко-сириската граница, и поради тоа објавувам крај на војната против Даеш (арапскиот акроним за Исламската држава)“, изјави во Багдад ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади на отворањето на конференцијата во организација на синдикатот на ирачките новинари.

„Нашиот непријател сакаше да ја убие нашата цивилизација, но ние победивме, благодарејќи на нашето единство и решителноста. Ги победивме за кусо време“, додаде Абади.

Исламската држава, откако се отцепи од мрежата Ал Каеда чиешто крило беше во Ирак, во ненадејната офанзива од летото 2014 година освои третина од територијата на којашто, заедно со онаа која ја контролираше во соседна Сирија прогласи „калифат“.

Со ова беше доведено во прашање самото опстојување на Ирак како унитарна држава, бидејќи постоеше опасност од тоа во земјата во која мнозинство од 66 отсто се шиитските муслимани, да дојде до поголем бунт на сунитите и разгорување на трајно непријателство.

Кон крајот на 2016 година, со помош на воздушната поддршка од меѓународната коалиција предводена од САД, а на копното од шиитските милиции од регионот особено од соседен Иран, како и локалните сунитски племиња, консолидираните ирачки сили започнаа контраофанзива во којашто ги вратија под контрола загубените територии.