Ципрас: Ако Скопје направи отстапки и суштински чекори, 2018-та може да биде позитивна за спорот со името

(Фото Танјуг/Р.П.)

Да се запре со иредентизмот, да се запре со реториката за единствени потомци на Македонците, да се направат суштински чекори и да се најде взаемно прифатливо решение се точките кои грчкиот премиер ги спомена како предуслови за следната година да може да донесе позитивен развој на настаните во прашањето за името, изјави во саботата грчкиот премиер Алексис Ципрас, додека неговиот бугарски колега Бојко Борисов порача дека е потребно обидинување за да се помогне во решавање на проблемот со името.

Говорејќи од српската престолнина Белград по вториот состанокот на четворката Србија, Бугарија, Романија и Грција, грчкиот премиер Алексис Ципрас го спомена и прашањето за името, на само два дена пред закажаната средба на медијаторот на Обединетите нации во овој спор, амбасадорот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји во Брисел.

„Можеби 2018 година и да е една година во која би можеле да имаме позитивна разврска за
долгогодишниот проблем, доколку новата влада на Скопје реши да направи суштински
чекори напред, ако запре со, според моето мислење , непотребната реторика дека се
единствените потомци на Македонците и на Александар Велики. Ако запре со
иредентистичката реторика и во исто време прифати едно решение за името, взаемно
прифатено со соседите. Во оваа перспектива, секако, јас, ќе бидам првиот за Грција да ја гарантира развојната перспектива и безбедноста на оваа соседна земја“, рече грчкиот Ципрас.

Претседателот на Србија и премиерите на Бугарија,Романија и Грција, на состанокот во Белград, разговараа за бугарското претседателство со ЕУ, како балканско претседателство, за заживување на ткн Солунската агенда од 2003 година, за европската перспектива на Западен Балкан и за конкретни проекти за соработка како што се енергетското и железничкото поврзување на балканските земји.

„Прашањето за името меѓу Македонија и Грција мораме да го решиме. Мора да се обединиме и да и помогнеме на Европската комисија да му помогне на Брисел да донесат правилни одлуки, а не да поставуваат некакви ултиматуми“, истакна бугарскиот премиер Бојко Борисов во Белград по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Грција, Алексис Ципрас и на Романија, Михај Тудосе.

„ Ние сакаме да ја одработиме својата задача и дури тогаш да посочиме што предлагаме, а на нив е да одлучат дали го прифаќаат тоа или не“, истакна Борисов.