Министрите за внатрешни работи на арапските земји ги повикаа ноќта кон неделата САД да се откажат од одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, бидејќи тоа ќе го зголеми насилството ширум регионот.
Објавата од средата на американскиот претседател Доналд Трамп претставува „опасно кршење на меѓународното право“ и нема никаков правен ефект, соопшти Арапската лига по седницата во египетската престолнина Каиро, на која учествуваа сите нејзини членки.
„Одлуката нема никаков правен ефект… ги продолжува тензиите, ги поттикнува бесот и се заканува да го турне регионот во повеќе насилство и хаос“, соопшти Арапската лига по средбата којашто започна во саботата доцна ноќта и траеше повеќе часови.
Лигата најави дека од Советот за безбедност при Обединетите нации ќе бара резолуција со којашто ќе се отфрли американската одлука.
Либанскиот министер за надворешни работи, Гебран Басил, изјави во текот на вонредната седница дека арапските земји треба да ја разгледаат можноста од воведување економски санкции против САД, но во изјавата на Арапската лига економските санкции не се споменуваат.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата ја ефектуираше дамнешната одлука за признавање на Ерусалим како главен град на Државата Израел и рече дека ќе го започне процесот на преселување на амбасадата на САД од Тел Авив во Светиот град, и покрај предупредувањата од сојузниците дека таквиот потег може да предизвика напнатост на Блискиот исток.
Одлуката на Вашингтон предизвика протести и насилства ширум регионот во коишто две лица го загубија животот на палестинските територии во Појасот Газа, а повеќе од илјада се ранети во судирите со израелските безбедносни сили на границата меѓу Газа и Израел, на Западниот брег (од реката Јордан) и во источен Ерусалим.
Статусот на Ерусалим е една од главните спорни точки во децении долгите израелско-палестински мировни преговори. Палестинците сакаат источен Ерусалим да биде престолнина на идната нивна држава, додека Израелците градот го сметаат за своја недделива и историски вечна престолнина.