Собранието треба да пресече за оставките во ДИК

Собранието на Република Македонија на првата наредна седница треба да ги констатира оставките на членовите на Државната изборна комисија.

Овој состав на ДИК кој имаше мандат од склучувањето на Пржинскиот договор, а со траење до 2020 година, се повлекува по критиките во јавноста за делењето високи бонуси.

На интернет-петиција со која се бараа оставки од деветмината членови на ДИК се потпишаа над 5.000 лица.

Сите членови на ДИК, освен најновиот од партијата БЕСА, Ермира Асани-Салија, се повлекоа од функциите во овој највисок изборен орган, откако пред една недела американскиот амбасадор обзнани дека членовите на ДИК си поделиле високи надоместоци за својата работа за време на локалните избори и последните неколку изборни циклуси.

Оставка прв завчера поднесе претседателот на комисијата, Александар Чичаковски, кој на таа позиција беше назначен од редот на експертите, по што следеа оставките од членовите од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев.

Нив вчера првично со оставки им се придружија и Субхи Јакупи, предложен од ДУИ, и потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, како и членот Атанас Урумов, кои доаѓаат од редот на експертите.

Последни оставка поднесоа членовите на ДИК од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев.