
Повеќе од четириесет услуги од државни институции како што се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, Катастарот, граѓаните ќе ги добиваат на едно место во просториите на Управата за водење матични книги, за која цел со помош на експерт од УНДП од Лондон ќе се преадаптира просторот за тој да биде пофункционален и прилагоден на потребите на граѓаните.
Во врска со оваа новина, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во вторникот изјави оти смета дека со оваа мерка ќе се намали времето на чекање што им е потребно на граѓаните за да ги добијат потребните ауслуги.
„Шалтерите ќе им даваат услуги на корисниците во две смени. Ова ќе биде голем чекор напред кон создавање на јавна администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните“, рече Манчевски.
За реализација на овој проект познат како „Една точка на услуги“ беше потпишан во вторникот Меморандум за соработка со УНДП, со чијашто помош ќе се прави таканаречената хоризонтална анализа на органите на државната управа и на агенциите.
„Анализата треба да ни даде реална слика за состојбата со администрацијата и да ги реши проблемите со отчетност внатре во администрацијата и со преклопувањето на надлежностите меѓу институциите“, појасни Манчевски на промоцијата на проектот на која присуствуваше и постојаниот координатор на ОН и претставник на УНДП, Лујза Винтон.
Анализата се спроведува првпат во Македонија и согласно неа, како што најави Манчевски, ќе се прави реорганизација на администрацијата.