Србија во политичка смисла секогаш ќе му биде благодарна на рускиот претседател Владимир Путин што спречи српскиот народ да биде жигосан како геноциден,како и на тоа што и натаму има можност да се бори за Косово и Метохија, рече во вторникот во Москва српскиот претседател Александар Вучиќ ветувајќи дека неговата земја нема да воведува санкции против Русија како западните земји, додека рускиот челник посочи дека Србија може да биде важна за транзитот на рускиот гас кон Европа.
Вучиќ на заедничката прес-конференција со Путин повторни дека Србија е воено неутрална земја и нема тежнеења да влезе во воени сојузи, вклучително и НАТО.
„Би сакал во името на Србија да изразам благодарност на поддршката којашто Русија ни ја дава во смисла на зачувувањето на територијалниот интегритет и суверенитетот на земјата. Русија секогаш била пријател на Србија“, рече Вучиќ кој првично се обрати на руски јазик, и го покани Путин да присуствува на отворање на храмот на Свети Сава кое е планирано за 2019 година, а во чиешто воспоставвуањето придонесува со значителни средства.
Вучиќ истакна дека Србија не се и нема да се меѓа во внатрешните работи на Русија, но му посака успех на Путин на претседателските избори во март следната година, за како што истакна, да продолжи јакнењето на политиката на јакнењето на односите меѓу двете земји.
Истакна дека Србија секогаш ќе ѝ биде благодарна на Русија и на претседателот Путин, на повеќе работи, но особено истакна три.
„Тоа е моментот кога Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност во Он со што спречи српскиот народ да го добие печатот на срамот поради геноцид, како и на тоа што Србија сѐ уште има можност да се бори за Косово и Метохија, преку мир и со одговорна и сериозна политика. И трето, Србија е воено неутрална земја и нема амбиции да влезе во воени сојуз, па ниту во НАТО, а благодарејќи на поддршката на Путин успеавме делумно и да ја ревитализираме авијацијата и да го сочуваме статусот на воено неутрална земја“, истакна Вучиќ.
Во разговорите, коишто траеле речиси два и пол часа, станало збор за продолжување на воено-техничката соработка, рече Вучиќ и додаде дека Србија е дополнително заинтересирана за хеликоптери и транспортни средства.
Српскиот претседател истакна дека денеска во Москва биле потпишани повеќе „важни договори“ меѓу двете земји, а го апострофираше значењето на договорот за зголемување на испораките на гас и оти секоја година се зголемува обемот на стоковата размена меѓу Србија и Русија.
Путин ги оцени разговорите со Вучиќ како „искрен дијалог“ во кој доминирале темите од економијата, како и поддршката за поранешната јужна српска покраина која во 2008 година еднострано прогласи независност со поддршка од САД и важните земји од ЕУ. Истакна, исто така, и дека Србија може да стане важен елемент во транзитот на рускиот гас и оти се работи на вклучување на Србија во проектот Турски тек.
Наведе дека во рамките на соработката меѓу „Газпромнефт“ со реализацијата на модернизацијата на српската НИС, кој денес вработува 11.000 лица, а инвестициите во оваа компанија достигнуваат три милијарди долари.
„Сѐ поголеми и поголеми се руските инвестиции во Србија и тие достигнуваат четири милијарди долари, додека српските партнери во руското стопанство вложиле половина милијарда долари“, рече Путин додавајќи дека се потпишани документи кои ќе дадат дополнителен импулс на соработката.
Рускиот челник посочи дека се разговарало за формирање слободна трговска зона меѓу Евроазискиот сојуз, кој го предводи Русија, и Србија.
Путин во заедничкото обраќање со Вучиќ истакна дека Русија ќе ја продолжи поддршката на суверенитетот и територијален интегритет на Србија.
Рускиот челник истакна пред новинарите дека Москва ќе ја поддржи секоја одлука којашто ќе биде постигната меѓу Белград и Приштина, истакнувајќи дека решението би требало да се постигне со политички средства и дијалог на двете страни, и да биде во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
„Русија е заинтересирана за стабилизација на состојбите во регионот. Руската страна ќе ја продолжи поддршката на суверенитетот и и територијалниот интегритет на Србија“, порача Путин.