Горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, го усвои во средата рано утрото законот за даночните реформи, но законот ќе мора повторно да оди во Претставничкиот дом на уште едно гласање пред конечно да го потпише претседателот Доналд Трамп.
Гласањето мина со тесен резултат од 51 глас „за“ и 48 „против“, при што за законот гласаа сите републиканци, а против беа сите демократи. На гласањето единствено поради болест не присуствуваше републиканскиот сенатор Џон Меккејн.
Во вторникот иницијалната верзија на законот мина на гласањето во Претставничкиот дом, но беше откриено дека поедини предлози од текстот ги кршат парламентарните правила на Сенатот што го натера горниот дом да побара нивно исфрлување од законот.
Се очекува дека компромисниот предлог, кој е резултат на преговарањата во Конгресот и чиишто работни верзии се разгледувани во двата дома последните седмици, ќе мине во средата уште едно гласање во Претставничкиот дом.
Предложената даночна реформа е најголемата реформа на американскиот даночен систем во последните триесет години, која ден претходно ја поддржи со гласањето и Претставничкиот дом. Според даночната реформа би се намалила даночната стапка на пригодите на поимотните граѓани, додека даночната стапка на компаниите би била симната од 35 на 21 отсто.
За домаќинствата со средни приходи данокот следната година ќе биде намален во просек за 900 долари, а за најбогатите еден отсто Американци за 51.000 долари, објави непартискиот Центар за даночна политика, тинк-тенк од Вашингтон.
Со оваа реформа, исто така, се укинува и дел од здравствениот систем познат како Обамакер и се дозволува дупчење на нафта во заштитените области на Арктик, амандман додаден во последен момент за да се обезбеди поддршката од доволен број пратеници.
Републиканците тврдат дека пакетот закони ќе ја зајакнат економијата и ќе придонесат за отворање нови работни места. Реформата ја сметаат за неопходна и за да се задржи мнозинството во Претставничкиот дом и во Сенатот на изборите во ноември 2018 година.
Демократите, пак, тврдат дека реформата ќе го зголеми јазот во приходите меѓу богатите и сиромашните Американци, а големиот државен долг од 20 билиони долари ќе нарасне во следните години за дополнителни за 1,5 билиони долари.
Претседателот Доналд Трамп ја поддржува реформата, а нејзиното усвојување ќе претставува голема законодавна победа по неколкуте неуспешни обиди да ја укине реформата на здравственото осигурување од 2010 година на неговиот демократски претходник Барак Обама, за која републиканците тврдат дека е неефикасна и не ги дала очекуваните резултати.
Според анкетата на агенцијата Reuters и институтот Ipsos, околу 52 отсто од возрасните Американци го одобруваат планот за даночните реформи, а 27 отсто се против него.