Во Солун денеска треба да продолжи судењето за барањето за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски, откако минатата седмица беше прекинато, поради истекот на временскиот период предвиден за рочиштето.
Александар Даштевски, поранешен претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, како експерт на предлог на адвокатите на Горан Грујевски и Никола Бошкоски, ќе ја објаснува пред судиите во Солун позицијата на СЈО и како тоа е инкорпорирано во правниот поредок. Освен Даштевски денеска во Солун треба да ссведочи и сопругата на Горан Грујевски, пренесува Алсат М.
„На судењето ќе бидат доставени документи од одбраната во поглед на тоа дека барањето за екстрадиција е неосновано, а дали ќе бидат сослушани уште сведоци не знам“, изјави за МИА адвокатот на обвинетите, Петар Василев.
Како што рече, денеска треба да биде донесена и одлуката и според грчките закони таа се објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.
„Ние очекуваме судот да го одбие барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски“, рече Василев.
За екстрадиции во Грција, одлучува совет, најчесто во тричлен состав, двајца судии и еден обвинител, на јавно рочиште, освен ако не биде доставено специјално барање, сослушувањето да се одржи зад затворени врати. Токму таков беше случајот со поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање. Едниот од адвокатите на минатото рочиште побара судењето да биде затворено за јавноста, поради заштита на лицата за кои се бара екстрадиција.
Адвокатот Костас Хаѕијоану ова барање го поткрепил со тврдењето дека Грујевски и Бошкоски во Македонија се изложени на ризик од закани и прогон.
Откако на 29-ти ноември беше одложено првото рочиште за екстрадицијата, по испратеното барање и документацијата од македонска страна, на 13-ти декември во улога на прв сведок, советот на судии го сослуша исказот на адвокатот на обвинетите, Петар Василев.
Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошкоски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17-ти мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември.
Грујевски и Бошкоски во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун.
Грујевски и Бошкоски, кои се обвинети од СЈО за предметот „Тврдина“ и „Таргет“, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18-ти октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.