Челникот во оставка, Никола Груевски, на дводневниот Конгрес во Валандово во саботата беше прогласен за почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и му беше доделена плакета за благодарност за неговата работа во партијата, а претходно во својот говор повика на национално единство и, меѓу другото, рече дека сега јавноста е сведок на политичка одмаздољубивост од невидени размери со цел слабеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски, во својот долг говор на Конгресот на кој се избира негов наследник изјави дека партијата го започнува походот кон новата победа и враќање на власт.
„Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го имаше цели 11 години, во кои успешно и со огромен напредок ја движеше Македонија, со бројни успеси резултати. Тоа е она што народот повторно ни го даде на последните парламентарни избори со победата над СДСМ пред една година, но за жал месец и половина подоцна ни беше неправично одземено, и беше погазена волјата на народот”, рече Груевски.
Додаде дека жали што Конгресот се случува во вакви „емотивни и невообичаени“ околности кога партијата е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од неговите членови.
„Останав цврст и стабилен и при најтешките удари, и тешко ми паѓа кога преку ноќ ќе видат вакво однесување на мои блиски соработници кои се наоѓаат под притисок”, рече Груевски и најави предлог на закон за амнестија за настаните од 27-ми април.
„ВМРО-ДПМНЕ веќе подготви закон за настаните од 27-ми април и наскоро ќе се појави во парламентот кој се надевам дека ќе биде прифатен”, Груевски
Груевски во долгото ображање ги набројуваше и успесите на партијата и изрази благодарност до членовите и соработниците кои го поддржувале.
Тепањето во парламентот од одредени поединци поведени од емоции и патриотски чуства на 27ми април беше голема грешка, иако беше директно и обмислено испровоцирано од владејачките партии и нивните позадински подржувачи, рече Никола Груевски во обраќањето пред делегатите.
„Неслучајно јас таа ноќ имав толку остра прес-конференција. Знаев што следува, знаев дека прстот ќе се впери кон ВМРО, и дека со тој чин ќе се создаде перцепција во која најголем губитник ќе биде токму ВМРО-ДПМНЕ, и се разбира граѓаните кои наседнаа на стапицата. Жалам што некои од нашите подржувачи ги погоди тоа мое обраќање, но некој мораше да истури кофа со ладна вода, и да ја каже вистината во тој момент колку и тоа да изгледаше брутално и безчуствително. Сите ние ги подржувавме мирните протести на еден или на друг начин, тие беа од корист за Македонија, тие беа оправдани, и со патриотски карактер, а не шовинистички, но кога толпата луѓе ќе почне самата да води политика водена од емоции, се прават кардинални грешки. Затоа постојат водачи и тие треба да се следат од толпата а не таа по емоции да крои политика“, рече Груевски.
Но, сега сме сведоци на политичка осветољубивост од невидени размери, рече Груевски, и кон тие кои тепале со давање на несоодветни квалификации за тероризам или обид за убиство, и кон тие кои никого неповредиле.
„Основната цел на оваа операција, и на дејствувањето на СЈО, на ОЈО и полицијата е слабеење на ВМРО-ДПМНЕ и негово ослабнување, а со тоа и намалување на влијанието на партијата. Крајната цел, всушност е разбивање, поделба или силно ослабнување на ВМРО со цел кршење на националниот дух на македонците и намалување на национлниот елемент и заштита во политичкиот живот во Македонија. Создавање држава на граѓани а не на макеонски народ и на делови од други народи како што стои во уставот. Тоа ќе значи постепено исчезнување на македонската нација, бидејки македонците како нација немаат втора држава. Затоа овие напади и хајки, политичко судски прогони, кои досега се против над 170 луѓе, и веројатно ќе расте на над 250 треба да се сфати многу сериозно, а не како проблем на индивидуалци“, рече Груевски.
Потребно е национално помирување, потребен е закон за амнестија, простување и помирување, рече Груевски, потсетувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подготви закон за амнестија, кој наскоро треба да се најде во парламентот и се надевам дека ќе се прифати.
„Потребно е национално помирување. Потребен е закон за амнестија, простување и помирување. Само така земјата може да оди напред, и да стави крај на политичките освети и реваншизмите. Големите политичари така се однесуваат во вакви моменти.Треба и Заев и СДСМ да го научи ова, со целосно сочуство кон неговата болка и стрес од немилиот настан на 27-ми април.Треба и ДУИ да го знае тоа, затоа што амнестијата кон нив беше за многу потешки дела“, рече Никола Груевски на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.
Нагласи дека треба СДСМ да постапи како што во овие 27 години независност дури четири пати постапуваше ВМРО-ДПМНЕ.
„Како што тоа го направи ВМРО-ДПМНЕ во 1991 година кога доминираше во експертската влада на Кљусев, и не премина кон казнување на ист начин кон луѓето на комунистичкиот режим чии наследник е партијата СДСМ, кои 45 години стрелаа без судења, апсеа, мачеа и убиваа вмровци кои се спротиставуваа на комунистичкиот режим. А можеше да биде и поинаку. Можеше на тие што се живи и што го правеле тоа да им се суди, да с езатвораат и стрелаат за репресиите на нивниот режим. Потоа со законот за амнестија во 1999 година поврзан со гостиварските настани од 1997 година кога се ослободија два градоначалника од западна Македонија.
Потоа во 2001-та со Законот за амнестија на учесниците во конфликтот кои делуваат против државните органи и убија околу 70 војници и полицајци а огромен број беа ранети и повредни, со трауми и последици, и конечно во 2012-та, со толкувањето на законот за амнестија со кој 4-те хашки случаи подпаднаа под законот за амнестија, меѓу кои и водството на ОНА. Сите овие амнестии беа многу болни и тешки за нас, но ние покажавме политички капацитет и државништво во поглед на национално помирување и заедничка иднина а не заеднички вечен конфликт освети и реваншизми“, заклучи Груевски.